Над 18.000 државјани на Косово пристигнале во Германија од почетокот на годината до 12 февруари со намера да побараат азил и се распоредени во неколку германски покраини, соопшти германското министерство за внатрешни работи.
Најмногу погодени со бранот азиланти се четири германски покраини- Долна Саксонија, Северна Рајна Вестфалија, Баварија и Баден-Виртемберг, каде постојат и проблеми со сместувачките капацитети.
Според германското министерство, проблематичен е и исто така големиот број лица од Косово, кои немаат право на азил и на кои криумчарите им давале лажни надежи во врска со изгледите за стекнување на азилантски статус.
Во соопштението се наведува дека бројот на одобрени барања за азил на граѓаните од Косово во 2014-та година бил 1,1 отсто од вкупниот број на поднесени молби, а во јануари изнесувал само 0,3 отсто.
Германија и нејизните покраини, воведоа бројни мерки како реакција на драстичниот пораст на бегалци, меѓу кои, како се вели, воведување на приоритети за обработка на барањата на граѓаните од Косово.
Покрај ова, поднесувателите на барањата од Косово за азил во Германија мораат, доколку е можно за време на целата постапка да останат во првиот прифатен центар, за да се забрза и скрати постапката.
Во соопштението се потсетува дека бројот на барања на азил на граѓани од Косово драстично пораснал во јануари оваа година на 3.630, што е за 86 отсто повеќе во однос на декември.
Граѓаните од Косово во текот на 2014-та година поднеле околу 7.000 молби за азил, се наведува во соопштението.