Европската централна банка (ECB) го зголеми износот за програмата за итни кредити со коишто централната банка на Грција може да ја поткрепи ликвидноста на тамошните комерцијални банки на 65 милијарди евра, соопштија извори од банката.
„Во текот на денешната телеконференција, Европската централна банка ја продолжи програмата за итна поддршка на ликвидноста ELA за една седмица, одобрувајќи и’ го на Грција износот што го бараше“, изјавил за AFP извор близок на грчката централна банка, ненаведувајќи ја сумата.
Друг извор близок на преговорите, пак, изјавил дека плафонот за итната поддршка на ликвидноста на грчките комерцијални банки е подигнат за пет милијарди евра, од минатата седмица кога одобрената сума изнесуваше 60 милијарди евра. Од ECB официјално не сакале да ја коментираат оваа информација.
Централната монетарна институција на еврозоната минатата седмица дефакто го блокираше пристапот на грчките банки за нивниот клучен извор на финансирање, објавувајќи дека повеќе не ги прифаќа грчките државни обврзници како колатерал за кредитите и таа обврска всушност ја префрли врз централната банка на Грција. ECB, инаку, не може да прима како колатерал обврзниците со неинвестициски рејтинг, како што се грчките, но сепак тоа го правеше врз основа на програмата за меѓународна финансиска помош одобрена за Грција во износ од 240 милијарди евра.
Програмата истекува на 28-ми февруари и кредиторите (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), бараат од Грција да го продолжи. Меѓутоа, новата влада во Атина тоа го одбива и сака да преговара за измена на условите за враќање на долгот.
Откако ги отфрли обврзниците како колатерал, ECB, сепак, и’ даде согласност на грчката централна банка да посегне по програмата на итни заеми. Тие се поскапи од редовните форми на финансирање, со камата од 1,55 отсто, во однос на 0,05 отсто, колку што изнесува во редовното финансирање.