Американскиот производител на автомобили „Џенерал моторс“(General motors) соопшти дека ќе започне со масовно производство на електричниот автомобил „Шевролет Болт“, кој беше претставен како прототип минатиот месец во Детроит.
„Пораката на корисниците по повод прототипот Болт е јасна и недвосмислена: ќе го правиме“, рече Ален Бетеј, претседател на Џенерал моторс за Северна Америка.
Тој додаде дека компанијата решила брзо да започне со производство „заради потенцијалот целосно да биде разбиено статусквото во врска со електричните превозни средства“.
Болт е одговор на скапите автомобили на американската компанија „Тесла“ или малата „и3“ на германски „БМВ“.
Овој автомобил би требало да чини околу 30 илјади американски долари, а продажбата би била потпомогната и со државните субвенции.
Тоа ќе го постави автомобилот во директна ценовна конкуренција со новиот компактен автомобил разработен од „Тесла“, која спаѓа во пониска класа од сегашниот предводник Модел Ес, чија цена почнува од околу 70 илјади долари.
„Шевролет Болт“ ќе може да помине околу 320 километри со едно полнење, а ќе се произведува во фабриката на Џенерал моторс близу Детроит. Се очекува на пазарот да се појави во 2017 година.