Француската банка Societe Generale во четвртокот извести дека во последниот квартал од минатата година нејзината добивка на ниво на групација е речиси удвоена, што во добар дел произлегува од солидниот раст на приходите во сегментот инвестициско банкарство.
Нето добивката во последното тромесечје е зголемена на 511 милиони евра, од 191 милион евра во истиот период од претходната година, покажа финансискиот извештај на Societe Generale.
Во четвртиот квартал од 2013 година врз деловните резултати на банката силно влијаеше казната во износ од 445,9 милиони евра која и ја изрече Европската комисија откако со истрагата е утврдено дека еден од банкарските службеници учествувал во наводното манипулирање со каматната стапка Euribor.
Нето банкарските приходи во последниот квартал од минатата година се зголемени за 7,5 отсто, на 6,123 милијарди евра. Оперативните трошоци во истио период се намалени на 4,263 милијарди евра, од 4,405 милијарди евра, се наведува во финансискиот извештај.
Значителен придонес во последниот квартал даде сегментот на глобално банкарство и инвестициски решенија, кои вклучуваат инвестициско банкарство и управување со имоти.
Нето добивката во овој сегмент скокнала на 407 милиони евра, додека во истиот период од претходната година беше забележана загуба од 184 милиони евра.
За цела 2014 година нето добивката на SocGen групацијата е зголемена на 2,69 милијарди евра, од 2,04 милијарди евра во претходната година. Нето приходите се зголемени за пет отсто, на 23,56 милијарди евра.
Врз осноа на резултатите за целата мината година одборот на директори предложи исплата на дивиденда од 1,20 евра по акција.