Цената на нафтата скокна на светските берзи за над еден долар, приближувајќи се близу нивото од 56 долари, откако намалениот курс на доларот ја поттикна побарувачката, а намалени се стравувањата од прекумерната понуда.
На лондонската берза цената на барелот околу пладне порасна за 1,13 долари во однос на претходното затворање, на 55,79 долари. Во претходниот ден потона за три отсто. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 1,25 долари повисока цена, од 50,09 долари, а во средата потона за над два отсто.
Во белешката до клиентите аналитичарите на Sucden Financial го појаснуваат скокот на цената со послабиот долар, кој ја зајакна куповната моќ на имателите на останатите валути, а со тоа и побарувачката.
Дополнителна причина за порастот на цената на нафтата е бранот купување во вчерашниот остар пад на цената на нафтата на двата клучни светски пазари.
„Сведочевме вчера за посилни распродажби и мислам дека затоа денеска сведочиме за благо закрепнување на цената на нафтата“, констатира Мајкл Хјусон од CMC Markets.
Силната побарувачка укажува на можно ублажување на актуелното прекумерно снабдување, а во иста насока упатуваат и намалените инвестиции на нафтените компании. Така најголемата француска нафтена компанија Total објави во четвртокот дека во оваа година дополнително ќе ги намали оперативните трошоци, на 1,2 милијарди долари, а планира и дури за 30 отсто помалку инвестиции во производството за да се преброди актуелниот период на пониски цени на нафтата.
Дополнително, пак, потврда за прекумерното снабдување пружи и податокот на американската влада за скокот на залихите на нафтата во САД во минатата недела на рекордни 417,9 милиони барели.