Директните странски инвестиции на Европската унија (ЕУ) во остатокот од светот на крајот на 2013 година достигнаа 4.900 милијарди евра, со што Унијата го задржа статусот на нето инвеститор во однос на остатокот на светот, објави Евростат.
Странските инвестиции на остатокот на светот во ЕУ, пак, изнесуваа на крајот на 2013 година 3.778 милијарди евра. Тоа значи дека ЕУ повторно повеќе нето инвестирала отколку што сама привлекла инвестиции, покажуваат најновите податоци на Евростат, кои за првпат се собрани според новата методологија.
Северна Америка, а посебно САД, биле главен партнер на ЕУ за директни странски инвестиции. На крајот на 2013, САД беа водечка локација на европските директни странски инвестиции, со 686 милијарди евра или 34 отсто од вкупно вложените пари во остатокот од светот.
Следува Швајцарија, која привлекла 667 милијарди евра инвестиции од ЕУ или 14 отсто од вкупниот износ. Бразил привлече 272 милијарди евра или шест отсто од вкупниот износ, а Канада 225 милијарди евра или пет отсто.
САД, исто така, биле и водечки инвеститор во ЕУ, со 1.652 милијарди евра директни странски инвестиции или 44 отсто вкупни инвестиции од остатокот на светот во ЕУ. Следува Швајцарија, од која во ЕУ се инвестирани 431 милијарда евра. Заедно, овие две земји на крајот на 2013 година сочинуваа повеќе од половина од инвестициите од остатокот на светот во ЕУ.