23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНад 3.000 лица ќе бидат вработени на неопределно време

Над 3.000 лица ќе бидат вработени на неопределно време

pesevski press2

Сите ангажирани лица во институциите без решен статус ќе добијат редовно вработување, предвидува Предлог законот за трансформација во редовен работен однос што го презентира денеска на прес­конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Со законот треба да бидат опфатени над 3.000 лица кои работат во државни институции и органи на определено работно време преку разен вид договори. Откако ќе биде изгласан во Собранието, институциите кај што се ангажирани вработените се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос.

Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку три месеци заклучно со 30 ноември 2014 година и се уште се со таков работен ангажман, да можат да остварат право за засновање редовен работен однос на неопределено време, рече Пешевски.

Сите кои ги исполнуваат условите, појасни, односно на 30.11.2014 имале непрекинат договор над три месеци, а некои од нив можеле да имаат и шест, година, или две…. спаѓаат во групата на кои ќе им биде трансформиран работниот однос. Притоа оние кои имале најдолг таков договор или повеќе договори во серија ќе бидат први кои ќе добијат за постојано вработување, рече Пешевски.

Поради фискалниот ефект, стапувањето во сила на договорите за вработување, според предлогот, ќе се реализира етапно. Триесет и пет проценти ќе добијат решенија за трајно вработување веднаш по стапувањето во сила на законот, уште 35 проценти од 1 декември годинава, а останатите од 1 септември следната година.

Во периодот до стапување во сила на договорите за редовен работен однос лицата нема да останат без приходи, односно и понатаму ќе бидат ангажирани во институцијата на начинот на кој и во моментот се ангажирани, односно со волонтерски договор, договор на дело, авторски или друг договор и ќе добиваат паричен надомест по основ на тие видови договори.

Ќе нема прекин во нивниот работен однос и на платата, односно ќе работат и ќе земаат плата, а ќе бидат воведени во редовен работен однос согласно утврдените периоди, односно дел веднаш, дел во декември оваа година и дел во септември следната година, појасни вицепремиерот Пешевски.

Со Предлог­законот за трансформација во редовен работен однос се предвидува решавање на статусот на лица ангажирани по основ на волонтерски договори, договори за дело, авторски договори или друг вид договор во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од државата и единиците на локалната самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија.

За реализиација на трансформацијата во редовен работен однос, како што појасни Пешевски, раководителите на институциите треба да се обратат со барање до Министерството за финансии за согласност и да приложат договори за ангажирање и доказ за извршени ислати кон овие лица.

Вицепремиерот Пешевски нагласи дека со ова законско решение ќе се надмине предизвикот со кој се соочуваат голем број граѓани поради нерешениот работен статус. Оваа наследена ситуација, како што рече, создаваше чувство на постојана неизвесност кај овие лица кои иако извршуваат значајни и одговорни работи постојано го чувствуваат притисокот од неизвесноста.

Со остварувањето на правото на редовен работен однос на оваа категорија граѓани истовремено им се зголемува одговорноста во извршување работни обврски и задачи и се обезбедува социјално осигурување и остварување на сите права од редовен работен однос.

Тоа ќе влијае на позитивноста и на продуктивноста, ефикасноста и на ефективноста на трудот, рече Пешевски.

Како одговорна Влада посветена на своите граѓани, додаде, сметаме дека овој закон е базиран на принципите на социјалната, но и на општата правичност и тој е валоризација на еден долгогодишен ангажман, на вложување и вградување на овие лица во процесите кои обезбедуваат корист за сите граѓани во училиштата, здравствените установи, културни установи, јавни и комунални дејности и во сите други институции и претпријатија кои работат за граѓаните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП