27 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНезири - Џикнури: Соработката во енергетиката приоритет за двете страни

Незири – Џикнури: Соработката во енергетиката приоритет за двете страни

bekim neziri 339

Министерот за економија Беким Незири денеска, во рамки на официјалната посета на Тирана, оствари средба со министерот за енергетика и индустрија Дамјан Џикнури.

Незри и Џикнури се осврнаа на проектот ­ 400 kV интерконективен далекувод Битола – Елбасан, проектот Луково Поле, како и на меморандумот за соработка во енергетскиот сектор што наскоро треба да биде потпишан од двете страни.

Министерот Незири објасни дека за интерконективниот далекувод помеѓу Македонија и Албанија кој се предвидува да ги поврзува Битола и Елбасан се изработени физибилити студија и студија за влијанието врз животната средина, а во натамошниот период следува изработка на целокупната техничка документација, како и обезбедување заем за изградба на далекуводот, за што во завршна фаза се преговорите со ЕБОР за обезбедување на заемот.

Вкупната инвестиција се проценува на 68.100.000 евра од кои 43.500.000 за македонската страна и 24.600.000 за албанската страна.

Заинтересирани сме за побрза реализација на овој проект, бидејќи со него Република Македонија ќе реализира 85 отсто од плановите за енергетско поврзување со соседните држави, истакна Незири.

Џикнури го потврди интересот и од албанска страна за што поскоро приклучување на Албанија кон регионалниот енергетски систем.

Република Албанија има големи водени ресурси и заедно со Република Македонија можеме да имаме одлична соработка на ова поле. Експерти од двете држави имаат редовни состаноци, а изградбата на овој далекувод овозможува ние, како мали држави, да бидеме активни на енергетскиот пазар, па на оваа тема разговарано е и со норвешките власти за можноста за имплементација на ’скандинавскиот модел’ во Западен Балкан, нагласи Џикнури.

Во делот на гасификацијата, министерот Џикнури потенцираше дека со оглед на фактот што овој процес е во напредна фаза во Македонија, Албанија е заинтересирани да го имплементира ’македонскиот модел’.

Во заеднички интерес е реализацијата на проектот ТАП, кој набрзо ќе почне со реализација во албанскиот дел, каде постои можност да се отвори крак кон Република Македонија, во што гледам одлична шанса за цел регион, објасни Џикнури.

Министерот Незири изрази подготвеност за поврзување на Македонија кон гасоводите кои нудат таква можност, нагласувајќи дека енергетските интерконекции, вклучително и интерконекциите во делот на природниот гас меѓу овие две соседни земји, ќе придонесат за сигурноста на снабдувањето на потрошувачите со природен гас.

Што се однесува до акумулацијата Луково Поле, министерот Џикнури доби уверување од министерот Незири дека реализацијата на овој проект може да почне дури по целосната поддршка од двете држави.

Двајцата министри се договорија сите овие прашања да бидат детално анализирани и во рамки на работната група од двете држави, на заедничка средба кон крајот на овој месец во Скопје.

Попладнево, министерот Незири ќе оствари средба и со министерот за економски развој и претприемништво Арбен Ахметај на која ќе се разговара за унапредување на соработката во делот на трговската размена и во сферата на туризмот, како и реактивирање на мешовитиот комитет меѓу двете држави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП