6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГеопортал на Катастарот за подземната и надземната инфраструктура

Геопортал на Катастарот за подземната и надземната инфраструктура

katastar pres 535

Граѓаните и инвеститорите од денеска можат од дома да проверат дали низ нивна или друга локација за која се заинтересирани поминува инфраструктурен објект преку геопорталот што за таа намена го воспостави Агенцијата за катастар на недвижности.

На геопорталолт може да се видат досега евидентираните оптички и бакарни кабли, кабли за пренос на електрична енергија, гасоводи, водоводи, канализации, трафостаници, базни станици, антени и други инфраструктурни објекти.

Во случај низ земјиште на граѓанин со решена сопственост да поминува каква било инфраструктура и за тоа има имотен лист може да побара надомест од операторот на таа инфраструктура. Искуствата, според директорот на Катастарот Славче Трпески, се најчесто да се постигне договор за еднократен надомест.

„Согласно Законот за сопственост и други стварни права поминувањето на една недвижност преку друга е регулирана со службеност. Граѓаните имаат право да си ги решат имотно правните работи со имателите на овие инфраструктури по пат на службеност. Ќе треба да се договорат околу службеноста како имателот на таа инфраструктура ќе влегува во дворот на граѓанинот со цел да пристапи до инфраструктурата. Договарањето секогаш е доброволно, а во спротивно по судски пат“, рече на прес­конференција Трпески.

Имотни листови за инфраструктурни објекти се издаваат од април лани, а од ноември се создадени услови за запишување на сите 73 различни типови инфраструктура. Во Катастарот на инфраструктурни објекти, според Трпески, досега технички се евидентирани над 23 илјади километри водови од телекомуникации, електроенергетика и водовод и канализација и над 142 илјади точкасти објекти од типот на базни станици, трафостаници, антени. Тоа е направено врз основа на податоците за нивната геопросторна локација со која располагаат имателите.

За веќе изградените инфраструктурни објекти, имателите се должни до април следната година 40 проценти од своите инфраструктури да ги запишат во Катастарот, а до април 2018 комплетно да ги впишат и да добијат имотен лист.

„Со оглед дека првиот рок истекува за 14 месеци ги повикуваме сите иматели на инфраструктурни објекти што поскоро да ја започнат постапката за геодетски премер на тие објекти со цел до април 2016 да впишат 40 проценти од инфратсруктурата“, апелира Трпески.

Со измените на Законот за градење, сите одобренија за градење на нови инфраструктурни објекти општините треба задолжително најнапред да ги достават за предбележување во Катастарот. По изградбата задолжително се доставуваат за впишување и добивање имотен лист за инфраструктурен објект. Таков лист за предбележување на инфраструктурен објект е изготвен за натпатникот на булеварот „Александар Македонски“, кој ќе ја спојува населбата Хиподром со населбата Ченто.

Проектот на воспоставување на катастарот на инфраструктурни објекти Агенцијата за катастар го споведува 2,5 години и според раководството создадени се сите законски и подзаконски и софтверски решенија. Имотни листови од инфраструктурниот катастар веќе имаат Пристаништето во Охрид, како и Макеоднски телеком и Неотел за оптички и бакарни кабли.

Со имотниот лист за подземна или надземна инфраструктура се знае точно почетната и крајната точка, висината или длабочината.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП