6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХанке: Македонија е необичен случај во индексот на Кејто

Ханке: Македонија е необичен случај во индексот на Кејто

henke 560

Американскиот професор Стив Ханке, автор на индексот на мизерија кој го објавува либертаријанскиот институт Кејто, вели дека извршувањето структурни реформи е начин да се напредува на индексот, во кој во изминатите години Македонија бележеше негативни резултати.

Индексот на Кејто, еден од неколкуте слични индекси инспирирани од економистот Артур Окен, ги собира стапката на невработеност, инфлацијата, стапката на банкарски заеми и потоа го одзема економскиот раст, за да ја прикаже економската состојба на една земја. Поради исклучително високата официјална стапка на невработеност, Македонија го достигна 12тото место на индексот на Кејто, а во 2012 година беше прогласена и за прва на сличен индекс подготвен од списанието Економист.

„Доколку имате оценка над 20 или 25 на индексот, значи дека имате длабоки структурни проблеми во економијата, во смисол на функционирањето на слободата на пазарот, а Македонија е скоро на 37. Значи има длабоки структурни проблеми кои мора да се расчистат. Земјите кои имаат оценки под 20 вообичаено немаат големи структурни проблеми, иако и тука има исклучоци, па така Италија на пример има индекс 18, но јасно е дека има многу структурни проблеми и висока невработеност“, вели Ханке во разговор за МИА.

На последниот индекс на Кејто, Македонија беше 12та од вкупно 108 држави, единствено со Србија од земјите од соседството пласирана како 8ма, меѓу поголем број јужноамерикански држави кои доминираат на врвот на индексот, што предизвика и соопштение од СДСМ.

Професорот Ханке, кој е добар познавач на балканските економски состојби како поранешен советник на Анте Марковиќ и автор на валутните модели на Бугарија и Црна Гора, вели дека лично бил изненаден од високиот пласман на Македонија на индексот на мизерија, знаејќи притоа за спроведените пазарни реформи и високите оценки на индексите на економски слободи, и некомпатибилноста на овие две мерила.

„Македонија е необична бидејќи имате доста добар рејтинг за економски слободи, на пример во индексот Дуинг бизнис на Светската банка, каде воопшто не сте лоши, подобри сте и од Италија. Знаев дека сте високо пласирани на Дуинг бизнис и затоа бев изненаден кога ги видов бројките од мојот индекс. Доколку сте добри на индексот Дуинг бизнис, предвидувам дека со текот на времето ќе продолжите да се подобрувате и на индексот на мизерија. Не ја следев преписката во Македонија околу нашите резулатати, но претпоставувам дека бројките од индексот не се користеле добронамерно и со цел претстават што тие навистина значат, туку со цел да води полемика“, додава Ханке, инаку професор на универзитетот Џонс Хопкинс во Балтимор.

Професорот Ханке појаснува дека историјатот на овој индекс датира од 1960-тите години, од периодот на висока инфлација во САД, кога претседателот Линдон Џонсон побарал едноставен начин да ја следи економската состојба во земјата, а економистот Артур Окен од универзитетот Јеил почнал на Џонсон да му поднесува збир на стапката на невработеност и инфлацијата во земјата.

„Оригиналниот индекс на мизерија ги содржеше само инфлацијата и невработеноста. Оукен го смисли овој индекс велејќи дека, доколку збирот на овие два показатели се се влоши, може да очекувате дека и политичкиот рејтинг ќе оди надолу. Ние во Кејто сега користиме 4 бројки, при што првите три се лоши ­ невработеноста, инфлацијата и стапката на банкарски заеми, а растот на бруто домашниот производ, кој претставува позитивен показател, го одземаме од првите три“, вели Ханке.

За политичкиот ефект на индексот, според професорот Ханке, не е важен само пласманот на табелата, туку и нагорното или надолното движење на државата.

„Ако стапката на невработеност кај вас била постојано висока и не се менува, тоа не влијае на политиката. Може да биде лошо за политичќарите доколку бројките одат на полошо од една во друга година. Кај Македонија, ако го пресметате овој индекс од времето кога се распадна Југославија, станавте независни и го погледнете преку временскиот период до денес, сигурно ќе видите дека вашиот пласман на индексот на мизерија се намалил“, вели Ханке.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП