Анализата на економската активност укажува дека еврозоната 2015 година ја започнала многу подобро од очекуваното, пред се благодарение на растот во Германија, иако Франција и понатака забавува.
Според соопштението на компанијата за финансиски податоци Маркит, индексот ПМИ кој ја мери деловната активност, производството, нарачките и вработеноста, порасна на шестмесечен максимум – 52,6 поени во јануари, додека во декември тој изнесуваше 51,4 поени. Очекувањата беа дека индексот ќе изнесува 52,2 поени. Се што е над 50 поени прикажува експанзија.
Меѓу четирите најголеми земји на еврозоната, Маркит, утврди дека производството пораснало во Германија, Италија и Шпанија, но дека економската активност на Франција продолжува да опаѓа девети месец по ред.
Податоците исто така покажуваат декка отворањето на нови работни места во еврозоната е на највисокото ниво од средината на 2011 година.
Компанијата наведува дека политичката промена во Грција и кризата во Русија претставуваат ризик за понатамошните прогнози за економскиот раст.
Маркит изрази надеж дека неодамнешната одлука на Европската централна банка да започне со поттикнувачкиот пакет мерки од илјада милијарди евра, ќе го поттикне растот во тие земји.