19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција со „мени“ за долгот

Грција со „мени“ за долгот

premier minister grcija

Новата грчка Влада предлага замена на надворешниот долг со обврзници поврзани со раст, со цел земјата да добие повеќе време и фискален простор за реформи, јави дописникот на МИА од Атина.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за финансии Јанис Варуфакис почнаа дипломатска офанзива во Европа за да ги презентираат предлозите за враќање на грчкиот долг, кои нема да бидат врз основа на штедење кое има големи негативни последици врз луѓето и економијата.

Ципрас денеска во Рим ќе се сретне со неговиот италијански колега Матео Рензи, а Варуфакис по Париз стигна во Лондон каде вчера се сретна со британскиот министер за финансии Џорџ Озборн и со меѓународни инвеститори.

Грчкиот министер во Лондон ги уверувал инвеститорите дека не сака конфликт со Европската комисија во Брисел за новиот договор за враќање на долгот.

Според финансиски дневен весник „Фајненшл тајмс“, Варуфакис својот план го нарекол „мени“ на замена на долгот, што значи дека Атина повеќе не бара отпишување на странскиот долг кој изнесува 315 милијарди евра.

„Ќе им кажам на нашите партнери дека составуваме комбинација на примарниот буџетски суфицит и план за реформа. Ќе им кажам „погнете ми да ја реформираме нашата земја, дајте ни фискален простор да го направиме тоа, затоа што во спротивно ќе продолжиме да се гушиме па нема да бидеме реформирана туку деформирани Грција““, рекол Варуфакис за весникот.

Тој истакна дека Владата ќе го задржи примарниот буџетски суфицит на ниво од 1 до 1,5 отсто од БДП, дури и ако тоа значи дека Сириза нема да ги исполни предизборните ветувања за прашањето за јавните трошоци. Министерот за финансии ги уверува партнерите на Грција од еврозоната, дека грчката Влада ќе ги гони богатите Грци кои не плаќале даноците за време на шестгодишната економска криза во земјата.

„Приоритет за нас ќе биде да се дојде до главата на рибата, наместо до нејзината опашка“, рекол Варуфакис и додал дека Владата нема да се откаже од активности во таа насока, се додека не постигне успех, и покрај тешкотиите.

Извор директно запознаен со плановите, кој поради чувствителноста на темата сакал да остане анонимен, за некои светски медиуми изјавил дека грчкиот министер за ова се уште не разговарал со претставници на Европската унија и Европската централна банка (ЕЦБ).

Грчкиот министер синоќа издаде соопштение во кое се наведува дека неговите изјави за финансиски инвеститори се погрешно протолкувани. Тој не наведе детали, но некои аналитичари укажуваат на честите пишувања во грчките медиуми дека постепено се оддалечува од владината цел за намалување на долгот. „Владата и министерот за финансии нема да отстапат, без разлика на тоа колку нашата одлучност ќе разжалости некои луѓе“, се вели во соопштението.

На средбата со грчкиот министер синоќа присуствувал и основачот и извршен директор на хеџ фондот „Си­Кју­Ес“ Мајкл Хинѕе кој на прашањето дали министерот предложил замена на долгот, без да елаборира одговорил дека „во прашање е нешто повеќе избалансирано и пошироко“.

Според официјални извори, се очекува Ципрас да ја објави владината политичка програма во текот на следниот викенд , а грчките партнери во ЕУ че ги слушнат деталите од екононскиот план пред крајот на овој месец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП