Минатомесечниот пад на производните цени во Шпанија е најголем во последните пет години, што ги поттикна стравувањата од ризик дека економијата ќе падне во дефлација.
Цените на производите по излезот од фабриките, рафинериите и рудниците во декември се намалиле за 3,7 проценти на годишно ниво, а во однос на ноември се намалиле за 1,1 проценти, соопшти шпанскиот Завод за статистика, пренесува агенцијата Блумберг.
Економистите во анкетата на Блумберг предвидоа пад на производните цени од 3,5 проценти.
„Падот на цената на нафтата се одрази на движењето на производните цени, кои се тесно поврзани со цените на енергенсите“, наведува економистот на банката „BNP Pariba“ во Мадрид, Естефанија Понте.
Владата на чело со премиерот Маријано Рахој во повеќе наврати негираше дека на Шпанија и се заканува дефлација, наведувајќи дека падот на цените обезбедува стимулација на реалните приходи на граѓаните и дека домашната побарувачка зајакнала пред се благодарени на зајакнувањето на извозот.
Потрошувачките цени во Шпанија во декември се намалија за 1,1 проценти на годишно ниво, што е нивниот најголем пад од јули 2009 година.
Од друга страна, проценките се дека економијата на Шпанија оваа година би можела да оствари раст од дури 2,5 проценти, доколку цените на нафтата и вредноста на еврото останат на ниско ниво.