Сите фирми кои вршат промет на добра и услуги за кои плаќањето се врши во готово, а кои досега не ја почнале постапката за воведување на ГПРС фискална каса кај некои од овластените производители, имаат уште пет дена да ја исполнат законската обврската, потсетуваат од Управата за јавни приходи.
Оттаму посочуваат дека крајниот рок истекува на 31ви овој месец.
Според последните податоци, 38.565 фискални апарати со ГПРС уред успешно се регистрани и поврзани со новиот систем на УЈП за онлајн следење на готовинските плаќања.
Од УЈП нагласуваат дека по истекот на рокот, даночните обврзници кои не користат фискален систем на опрема со ГПРС ќе се соочат со глоби кои се движат од 750 евра за физички лица (трговципоединци) до 3.250 евра за правните лица, како и со времена мерка забрана за вршење на дејност во објектот од 30 дена.