Koмпанијата „мајка“ на „British Airways“, според медиумските шпекулации, превзема трет обид да го купи ирскиот авиопревозник „Aer Lingus“.
„International Airlines Group“ (IAG), под чија капа е „BA“, нуди за ирската компанија по 2.50 евра за акција, соопшти телевизиски канал „Sky News“. Така понудата е во вкупна вредност од 1.3 милијарди евра. „IAG“ управува и со шпанската авиокомпанија „Iberia“.
Со купување на „Aer Lingus“, „British Airways“ може да ги прошири своите слотови (гарантираното време за слетување и полетување) на најголемиот аеродром во Европа – „Хитроу“ во Лондон.
Во моментов „Хитроу“ работи на границата на своите можности, откако британската коалициска влада во 2010-та година го блокираше проширувањето. Продажбата на „Aer Lingus“ треба да биде одобрена од ирската нискобуџетна авиокомпанија „Ryanair“, која е сопственик на една четвртина од акциите.
„Aer Lingus“ веќе отфрли две понуди на „IAG“, последната беше во почетокот на јануари при предложена цена од 2.40 евра за акција. Досега коментарите беа дека „Ryanair“ би била подготвена да разговара со понуда на цена меѓу 2.50 и 2.70 евра за акција.
Според „Sky News“ ревидираната понуда веќе е разгледана од менаџерите на „Aer Lingus“, заедно со нивните советници од „Goldman Sachs“.
Во петокот акциите на „Aer Lingus“ го завршија берзанското тргување по цена од 2.35 евра. Портпаролот на „IAG“ одбива да коментира на овие информации, а од „Aer Lingus“ не се достапни за коментар.