Португалија ќе биде во можност да ги отплати заемите од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) пред рокот, откако државата повторно доби пристап до финансиските пазари, изјави денес министерот за финансии Мариа Луис Албукерке.
Шест недели откако Ирска го отплати својот кредит, Лисабон ќе „започне примена на неопходни чекори“ за забрзување на исплатата на 25 милијарди евра кон ММФ, изјави таа во обраќањето на парламентарната комисија.
Овој план ќе мора да добие одобрение од ММФ и ЕУ, која исто така е кредитор на Португалија, пренесува АФП.
Португалија во мај минатата година излезе од тригодишната програма за користење на странска финансиска помош.
Земјата сега има толкави ликвидни резерви, што може да ги преброди сите евентуални турбулентни периоди, изјави Албукерке.
Таа потсети дека владата на 13. јануари успешно продаде обврзници со рок на доспевање од 30 години, со што собра две милијарди евра со камата од 4,131 проценти.
Албукерке оцени дека ова е „доказ за обновување на кредибилитетот“ на Португалија во последните неколку години.