Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го намали прогнозираниот економски раст за оваа и за следната година.
ММФ сега очекува економски раст од 3,5 проценти оваа година, додека претходно очекуваше 3,8 проценти. Оваа институција во 2016 година прогнозира економски раст од 3,7 проценти.
Ревидираната прогноза е објавена и покрај големиот пад на цената на нафтата, што имаше позитивен ефект во повеќето земји, пренесува BBC.
ММФ во извештајот наведува дека овој фактор ќе биде поништен со делувањето на негативните појави, како недостатокот на инвестиции, што ќе има повеќегодишни последици во земјите во развој.
Особено внимание е насочено кон еврозоната. ММФ очекува продолжување на нејзиното закрепнување, но не со силно темпо. За оваа година прогнозиран е економски раст од 1,2 проценти, а во 2016 година 1,4 проценти.
Во извештајот се напоменува дека примарна задача за Европската централна банка е да ја спречи дефлацијата, односно падот на цените, што е процес кој е веќе во тек.
Кинескиот економски раст во следната година ќе биде на ниво од 6,3 проценти, а за Русија е прогнозиран пад за три проценти оваа година и за еден процент наредната година.
Проценката за Британија не е променета и остана на нивото од 2,7 проценти за оваа година, додека за 2016 година незначително е намалена на 2,4 проценти.
ММФ очекува дека економијата на САД оваа година ќе зајакне за 3,6 проценти, а следната за 3,3 проценти.