Индустриското производство во еврозоната порасна за 0,2 проценти во ноември минатата година, што е скромен сигнал за зајакнување на економијата на монетарната унија во период на закани од дефлација, покажаа вчера официјалните податоци од Брисел.
„Растот на индустриското производство трет последователен месец носи охрабрувачки вести за еврозоната“, наведува Хауард Арчер од компанијата „IHS Global Insight“, пренесува агенцијата Франс прес.
На годишно ниво, сепак, индустриското производство е намалено за 0,4 проценти во ноември, наведува Европскиот завод за статистика.
Во извештајниот месец за вкупниот раст на индустријата најмногу придонело зголемувањето на производството на трајни стоки од 1,9 проценти.
Состојбата на економијата на еврозоната и понатака е голема причина за загриженост ширум светот, кој стравува дека Европа ќе потоне во дефлација, бидејќи цените во монетарниот блок во декември се намалени за 0,2 проценти, поттикнати од глобалното поевтинување на нафтата.
Во 28-члената ЕУ, индустриското производство во ноември пораснало за 0,2 проценти на месечно ниво, додека на годишно е намалено за 0,1 проценти. Највисок раст во производството забележала Ирска, 4,6 проценти, а најслаб резултат има Франција, каде производството е намалено за 0,3 проценти.