19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндиски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

Индиски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија

indiski-kompanii

Две големи индиски компании од енергетиката и металната индустрија се заинтересирани да инвестираат во Македонија. Нивниот менаџмент на средбите со владината делегација во Калкута и Ченаи ги оцени како поволни можностите за водење бизнис во Македонија.

Компанијата ОПГ Груп, која се занимава со изградба и работа на електрични и термоцентрали во Индија, е заинтересирана да изгради големи термоцентрали во Македонија.

Се интересираме за изградба на термални централи и соларни централи во Македонија.

Нашата компанија е длабоко навлезена во овој бизнис во Индија. Владата ги прави најдобрите можни напори. Атмосферата која ја креира, овозможувајќи лесно да се води бизнис во Македонија и помагајќи ги стопанствениците да ги развиваат нивните бизнис иницијативи, се многу позитивни чекори, особено овозможувајќи режим на ниски даноци.

Убеден сум дека многу други поради ова би правеле бизнис и би лоцирале капацитети во Македонија, изјави оперативниот директор Арвинт Гупта.

Според финансискиот директор на компанијата Нарајан Сами, Македонија е атрактивна за инвестирање.

Ангажирањето на премиерот и неговата лична вклученост за привлекување инвестиции во Македонија е многу очигледна, а и искреноста на целиот тим е забележлива. Мислам дека Македонија е екстремно атрактивна за инвестирање поради пристапноста до европскиот пазар, царинските олеснувања и логистика, како и фактот што трошоците за производство се ниски и што Владата има отворен и пријателски однос кон индустријата, оцени Сами.

На средбата премиерот Груевски истакнал дека државата го поседува најповолниот даночен пакет и нуди слободни економски зони, како и пристап до 650 милионскиот пазар на Европа.

Имавме средба со крупна компанија која вреди над една милијарда евра, котира на Лондонската берза и е во бизнисот за производство на електрична енергија од јаглен. Тие имаат интерес да инвестираат во Македонија и сега сме во почетни разговори. Ќе дојдат да направат анализи, така што тоа е една голема можност, изјави премиерот Груевски.

Втората компанија која ги разгледува можностите за отпочнување бизнис во Македонија е БРГ од Калкута која изработува метални профили и метални производи за кујни за домаќинствата. Компанијата има 15 илјади вработени во повеќе свои капацитети низ светот и има капитал проценет на 980 милиони долари.

Сериозно размислуваме да сместиме неколку производствени погони во Македонија. За таа цел, сме во блиски разговори за остварување на една браунфилд инвестиција во Македонија и во неколкуте наредни месеци би требало да финишираме со разговорите. Во однос на натамошни планови, со активна поддршка и помош на Владата планираме да инвестираме во други погони во Македонија, така што имаме поголем план да започнеме бизнис со производство, изјави извршниот директор на компанијата Санџај Реј Бандари.

Тој смета дека Македонија има локација која треба да се искористи како порта кон балканскиот и европскиот пазар и источно­европскиот пазар.

Поради договорите за слободна трговија со европските држави се создава добра бизнис логика да се произведува во Македонија и да се произведува за различните држави во Европа, нагласи Бандари.

Премиерот Груевски најави дека разговорите со оваа компанија ќе продолжат и во следниот период.

Се сретнавме со компанија од областа на металната индустрија, а покрај изработката на метални профили тие имаат и фабрика за изработка на различни метални производи за кујни, така што разговаравме за можноста да инвестираат во Македонија, да отворат свој капацитет за европскиот пазар од каде што ќе произведуваат и извезуваат низ цела Европа. Со нив ќе имаме уште средби и ќе разговараме за повеќе детали, рече Груевски.

Претходно владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски имаше бизнис форуми во неколку градови во Индија каде ги презентираше поволностите што им се нудат на странските инвеститори.

Владината делегација ја посети и Спомен куќата на Мајка Тереза во Калкута и сиропатилиштето кое е во сопственост на центарот Мајка Тереза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП