Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски ја продолжува посетата на Индија каде што пред индиските бизнисмени ги презентира можностите за инвестирање во Македонија.
Ниските даноци и поволностите што им се нудат на странските инвеститори ќе бидат претставени пред претставници на индиските компании од Калкута и Џајпур.
Вчера бизнис форум се одржа во градот Ченаи каде индиските бизнисмени беа импресионирани од условите за водење бизнис во Македонија и отвореноста на Владата за соработка со потенцијалните странски инвеститори.
„Импресиониран сум од презентацијата на премиерот. Владата е пријателски настроена кон инвеститорите и отворена за партнерства, бенефициите кои ги нудите за водење бизнис, даноците, поволностите за тренинг и обука се многу привлечни за индиските компании. Главната работа која што е суштинска за бизнисот е што Македонија може да биде база од која ќе се стигне до 650 милионскиот пазар во цела Европа. Многу е направено од премиерот и Владата, за Македонија да биде потенцијално место за инвестирање во повеќе сектори: фармацевтската индустрија, прехранбената индустрија, земјоделството, информатичка технологија. Задоволен сум што имав можност да слушнам многу позитивни и привлечни работи за можностите за инвестирањето на индиски компании во Македонија“, изјави Тетра Ашок, директор на Тајлор Рабер Груп и претседавач на индискиот Национален совет на индустријата.
Премиерот Груевски на бизнис форумот истакна дека Владата е ориентирана кон поддршка на бизнисот и е пријателски расположена кон бизнис заедницата, отворена и достапна за контактирање.
„Ако има некој предизвик може лесно да дојдете до некој директор, министер и до премиерот. Ако дојдете и ги посетите странските компании кои инвестирале тоа ќе ви го потврдат“, истакна премиерот Груевски.
Посочувајќи дека Македонија постигнала голем напредок во реформата на Централниот регистар, Груевски истакна дека државата е број еден во Европа во овој поглед и 6ти во светот.
Нагласи дека државата инвестира во отворени слободни економски зони, каде што секој инвеститор во првите 10 години е ослободен од плаќање данок на добивка и персонален данок. Посочи и дека во насока на натамошна либерализација на движењето на капиталот се овозможи странски државјани слободно и директно да купуваат недвижности и градежно земјиште. Додаде дека се вложува и во развој на знаењето во информатичките технологии со што во последниот период значително се зголеми пенетрацијата на интернет, се отвори нов универзитет за информатички технологии, каде се студира на англиски јазик и се врши зајакнување и на останатите факултети за информатичка технологија.
Во составот на македонската делегација се и министерот за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, заменик министерот за економија Христијан Делев и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Климент Шекероски.
Градот Ченаи, каде се одржа бизнис форумот, е најголемиот комерцијален и индустриски центар во Јужна Индија, каде главниот акцент е развојот на автомобилската индустрија, како и градежништвото, информатичката технологија, филмската индустрија, а со БДП од 66 билиони долари е на листата на 10 најбрзо растечки градови во Индија.