21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДолговите на земјоделците ќе се пребиваат од субвенциите

Долговите на земјоделците ќе се пребиваат од субвенциите

zemjlodeci222

Долговите на земјоделците за закуп на земјиште, водниот надомест, пашарината и јавните давачки ќе им се пребиваат од субвенциите, предвидуваат најновите измени на Законот за земјоделство и рурален развој кои денеска го поминаа првото читање во матичната собраниска комисија.

Со ваквото решение, рече заменик­министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, Владата уште еднаш им излегува во пресрет на производителите.

„Ова е едно од круцијалните барања на земјоделските здруженија. Го разгледавме и одлучивме да им излеземе во пресрет, истакна Костадиновски, образложувајќи го предлог текстот.

Согласно измените, составот на Агросоветот се проширува со претставник и од руралниот туризам како многу битен сегмент од македонската економија, се планираат средства за субјекти кои сакаат да вршат доедуцирање на земјоделците, како и се дозволува давање на орто­фото снимките со кои располага Министерството за земјоделство на трети лица за подобро организирање и планирање на производството.

„Дополнителното неформално образование преку различни семинари, курсеви и предавања значително ќе го подигне нивото на земјоделците, ќе го направи многу попрофесионален нивниот пристап кон производството и дејноста воопшто“, нагласи заменик­министерот.

Членовите на Комисијата ги поздравија измените и ги поддржаа во целост.

„Одлуката за пребивање на долговите преку субвенциите е одлично решение. Ќе ги растовари земјоделците од досегашните грижи за евентуално задоцнето намирување на обврските и ќе им овозможи навремено реализирање на производството“, потенцира Љупчо Димовски од Социјалистичка партија.

Силвана Бонева од ВМРО­ДПМНЕ се согласи со потребата од доедуцирање на земјоделците, но, поприоритетно е, укажа, нивното информирање.

„Земјоделците, барем од она што го кажуваат на терен, најчесто доцна дознаваат за мерките што ги воведува Платежната агенција и поради тоа ги пропуштаат роковите, односно не аплицираат со соодветни проекти“, посочи Бонева.

Нејзината сугестија ќе биде земена предвид и, како што рече заменик­министерот, сигурно ќе се спроведе во пракса со цел надминување на постоечките слабости.

Комисијата на денешната седница ги поддржа и измените на Законот за производи за заштита на растенијата со заклучок дека може да се дадат на натамошна процедура во Собранието.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП