28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРСМ: Очекувани минимални промени во стапката на данок на добивка

РСМ: Очекувани минимални промени во стапката на данок на добивка

taxes

Cпоред истражувањето на РСМ, седмата најголема глобална мрежа од независни ревизорски, даночни и советодавни компании, мнозинството од даночни советници очекуваат стапките на данок на добивка да останат релативно непроменети во наредните три години.

Ова е наспроти глобалната даночна реформа предводена од ОЕЦД земјите во насока на избегнување на даночно ослободување од страна на мултинационални корпорации каков што е примерот со бројните компании со седиште во Ирска (Google, Facebook, Twitter) кои реално заработуваат во Велика Британија, а данокот го плаќаат во Ирска.

РСМ ги анализираше ставовите на своите даночни партнери од 54 земји во својот извештај, Еволуција на даноци. Експертот од Република Македонија предвидува дека стапката на данок на добивка ќе остане иста, на ниво од 10%. Ова предвидување е исто како и на три четвртини (72%) од меѓународните советници, кои очекуваат стапките на данок на добвивка во нивните земји да останат скоро исти, додека една петтина очекуваат пад, а само 8% предвидуваат маргинално зголемување.

„Во Македонија има фиксна и непрогесивна стапка на данокот на добивка. Во моментов во Македонија, се случуваат промени на Законот на данок на добивка. Во последните пет години, не постоеше обврска за пресметка и плаќање на данок на добивка на реинвестираната добивка. Оваа појава во најголем дел беше заради добивање директни странски инвестиции. Постојат дополнителни даночни придобивки за компаниите во Технолошки индустриски развојни зони во првите десет години од работењето. Обврската за пресметка и плаќање на данок на добивка постоеше во случај на исплата на дивиденди. Но, со завршната сметка за 2014 година, данок на добивка ќе се пресметува и плаќа во секој случај. Од претходното искуство што го имам, како и неколкуте измени на Законот за данок на добивка во 2014 година, можам да заклучам дека во текот на наредните три години номиналната даночна стапка ќе остане фиксна, но ефективната даночна стапка ќе се зголеми.“ – изјави Стојан Јорданов, управител на ЦЕНСУМ Скопје, коресподентен член на РСМ мрежата.

Компаниите ќе го сносат товарот за обелоденување на многу повеќе детали од нивните политики за трансферни цени.  Предизвик ќе им бидат и предлозите за ублажување на влијанието на хибридните договори за избегнување данок, односно, договори кои го искористуваат несогласувањето помеѓу регулативите на две земји за избегнување на двојно оданочување со кои всушност се постигнува избегнување на данокот во двете земји. Овие предлози бараат воведување на детални прекугранични договори и разбирање помеѓу државите.

Според Јорданов, во Македонија не се очекуваат измени во однос на договорите за двојно оданочување. Исто така, тој смета дека бројот на вакви договори ќе порасне, како што предвидуваат и повеќето европски даночни експерти за своите земји.

Експертот од Македонија вели дека стапката на данок на добивка ќе остане фиксна во текот на наредните неколку години и не очекува стапката да стане прогресивна. Повеќе од две третини од партнерите на РСМ (68%) очекуваат стапката на данок на добивка во нивните земји да остане фиксна, а само 13% очекуваат зголемување на истата. Во економиите на земјите од Г7 и БРИЦ, само Германија очекува зголемување на овој данок за тие што заработуваат многу (со високи примања).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП