Невработеноста во Словачка во ноември е намалена десети месец по ред, достигнувајќи го најниското ниво од крајот на 2010 година.
Во ноември во Словачка стапката на невработеност е намалена на 12,25 проценти, намалувајќи се на месечно ниво за 0,1 проценти, а на годишно за 1,25 проценти, соопшти Словачкиот центар за труд, социјални и семејни прашања.
Бројот на невработени Словаци на крајот на ноември изнесувал 330.517, што е помалку за 2,740 во однос на претходниот месец, а дури за 33,700 помалку во споредба со периодот пред една година.
Министерството за финансии на оваа земја од 5,4 милиони жители и членка на еврозоната од 2009 година, предвиде просечна стапка на невработеност за 2014 година од 12,8 проценти наспроти минатогодишните 14,1 проценти пренесе агенцијата Франс прес.
Бруто домашниот производ на Словачка (БДП) во третиот квартал порасна на квартално ниво за 0,6 проценти, а на годишно за 2,5 проценти.
Словачката централна банка предвиде економски раст за оваа година од 2,3 проценти.