17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММА: Законот да се применува за сите медиумски субјекти

ММА: Законот да се применува за сите медиумски субјекти

mediumi-televizii

Македонската медиумска асоцијација (ММА), денеска негираше дека на нејзино барање, Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги сугерирала прекинување на емитувањето на неколку странски канали.

Асоцијацијата бара законските одредби да се применуваат подеднакво за сите медиуми и телевизии.

ММА сака да демантира извесни шпекулации што се појавија во дел од македонскиот печат дека наводно под притисок на македонските национални телевизии се симнати одредени таканаречени најпопуларни странски канали, кај некои од кабелските оператори, изјави на прес­конференција заменик­претседателот на ММА Атанас Кировски, директор и главен уредник на ТВ Телма.

Според него, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги има „симнато“ тие странски телевизии затоа што нивното работење е во спротивност со законските регулативи во Република Македонија.

Кировски тврди дека, според направените анализи, 65 отсто од граѓаните ги следат програмите на петте телевизии, додека останатите 35 отсто ги гледаат 130­те странски канали.

Гледаноста на некои од странските канали, според Кировски, е во промили, а не во проценти.

Нашите пет телевизии доследно и стрикно го почитуваат законот и ние се залагаме за тоа и оние кои работат на македонскиот пазар да работат според законите. Сите да имаат еднаков третман и можности, изјави Кировски.

Претседателот на ММА и директор на Канал 5 ТВ, Иван Мирчевски рече дека ММА останува да биде доследна и да се бори со сите неправилности и да си ги штити интересите.

Заслужуваме да добиеме фер и рамноправна трка со останатите субјекти во РМ, рече Мирчевски.

ММА иницирала основање заеднички комитет на индустријата, што треба да помогне, според Мирчевски, околу правилно и вистинско мерење на гледаноста на телевизиите во Македонија.

Претседателот на ММА најави дека за тоа што се случува во медиумскиот пазар во Македонија наскоро ќе бидат запознати и нивните колеги од регионот.

Постојат голем дел канали кои се емитуваат преку кабелските ТВ а кои немаат право да се емитуваат како комерцијални ТВ од други земји. Треба да седнеме сите ТВ од регионот и да го надминеме ова како проблем, изјави Мирчевски.

Според него, маркетиншкиот колач во земјата е премал за да овозможи продуцирање своја програма од страна на овие телевизии.

Парите кои се за располагање кои се за делење на сите медиуми вклучително и на телевизиите се нешто помалку од 25 милиони евра. Кога ќе се направи поделба на петте национални и 60 регионални и другите останати медиуми ќе дојдеме до една бројка која е премала за сериозно функционирање на телевизиите, зборувам за нашите и затоа бараме да се регулира пазарот и правила на игра за да можеме да имаме буџети кои ќе ни овозможат да продуцираме наша сопствена програма, изјави Мирчевски.

Според него, ТВ ги прифатија одредбите од законот во однос на создавањето домашна продукција, но сега бараат и другите субјекти како кабелски оператори, маркетиг агенции, огласувачи… да бидат фер и за сите исто да важи законот.

Од 1 јануари идната година 40 отсто од програмата што ќе се емитува на националните ТВ треба да биде изворна создадена.

Во ММА членуваат приватните национални телевизии Канал 5, Телма, Сител, Алсат М и Алфа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП