За помалку од две години колку што поминаа од лансирањето на новата „Oсtaviа“, во фабриките на „Škodа“ се изработени 500.000 примероци од овој модел, соопшти чешкиот производител.
Бестселерот на „Škodа“ се произведува од 1996-та, кога беше претставена првата генерација на „Oсtaviа“. Досега на купувачите ширум светот им се испорачани повеќе од 4.4 милиони автомобили, што прави скоро 40 проценти од сите продадени „Škoda“ возила во светот во последните 18 години.
Третата генерација се произведува во Европа, Кина, Русија и Индија, а во понудата е поголем број на верзии, отколку претходно.
Купувачите можат да одберат меѓу лимузина и караван, при што двете верзии се достапни со преден или погон на сите 4 тркала. На располагање и економичната „Octavia GreenLine“, со просечна фабрички декларирана потрошувачка од 3.2 l/100 km, како и „Octavia G-TEC“ со погон на компримиран природен гас.
Покрај нив, „Škoda“ произведува и крос верзија, „Oсtaviа Scout“, a во самиот врв на гамата се наоѓа „RS“ (vRS) верзијата – досега најбрзата продукциска „Oсtaviа“.
Tретата генерација остварува значаен раст на продажбата во Европа. Па така на западноевропските пазари во првите 11 месеци од 2014-та се испорачани скоро 25 проценти повеќе возила, отколку во истиот период од 2013-та.
Растот во централна Европа изнесува 20 отсто, а особено добри резултати се забележани во Чешка, Унгарија, Словачка, Полска, Естонија, Финска, Хрватска и БиХ.