Најголемата кипарска банка, Банката на Кипар, се врати на атинската берза по 21 месец отсуство поради банкарската криза која економијата на оваа држава ја собори на колена.
Акциите на Банката на Кипар, сепак, веднаш по повратот на берзата претрпеа пад од 8,75 проценти, на 0,21 евро, пренесува агенцијата Франс прес.
На атинската берза понудени се 8,9 милиони акции од Банката на Кипар по цена од 0,24 евра. Кога тргувањето со акциите на банката беше прекинато на 15. март 2013 година, цената на акциите изнесуваше 0,21 евро.
Акциите на кипарската банка се третираат како нови на берзата и нема да бидат подложени на берзанските ограничувања во првите три дена од тргувањето, што значи дека нема да постои интервенција доколку цените растат или паѓаат до 15 проценти.
Кипар во март минатата година со меѓународните кредитори постигна договор за пакет помош вреден 10 милијарди евра, во рамките на кој мораше да се согласи со гасењето на втората по големина банка „Лаики“ и замрзнувањето на депозитите поголеми од 100.000 евра во Банката на Кипар.