5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК издвои три милијарди евра за подобар авиосообраќај во Европа

ЕК издвои три милијарди евра за подобар авиосообраќај во Европа

letanje sistem

Европската комисија денеска потпиша нов договор за партнерство со воздухопловната компанија „Цезар“, вреден три милијарди евра, кој го вклучува и големиот систем АТМ (Управување со воздушниот сообраќај), јави дописникот на МИА од Брисел.

Авиокомпаниите, аеродромските оператори и даватели на услуги во воздухопловна навигација (АНСП) ќе добијат и околу три милијарди евра од фондовите на ЕУ, со цел да имплементираат заеднички проекти и да се модернизира воздушниот сообраќај, односно АТМ­системот во Европа.

Денешниот договор со конзорциумот „Цезар“ има за цел да ја подобри ефикасноста на АТМ­системите во Европа, за да управуваат со повеќе летови на побезбеден и помалку скап начин, со истовремено намалување на влијанието на секој лет на животната средина.

„Денешниот договор е големо достигнување за авијацијата на Европската унија и истиот засекогаш го менува системот за воздухопловна навигација во Европа, што го прави попаметен, поевтин, позелен и побезбеден. Ова, исто така претставува важен чекор кон исполнување на единственото европско небо. Овие проекти ќе се претворат во економска придобивка за целата ЕУ со придонес на повеќе од 400 милијарди евра во БДП­то на Унијата, ќе создадат повеќе од 300.000 нови работни места и ќе спречат над 50 милиони тони емисии на јаглерод диоксид во воздухот“, исткана еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

Инаку, „Цезар“ е јавна установа, основана во 2007 година, за да ги координира сите истражувачки активности поврзани со АТМ­системите во ЕУ, во рамки на финансиските перспективи за периодот од 2007 до 2013 година, што се ограничува на времетраењето на заеднички потфат до 31 декември 2016 година.

Станува збор за уникатно јавно­приватно партнерство кое има за цел да развие нова генерација на управувањето со воздушниот сообраќај (АТМ), што би било способно да се справи со растечкиот воздушен сообраќај, под најбезбедни, најекономични и еколошки услови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП