Производната активност во Британија во ноември неочекувано се зголеми, така што домашната побарувачка го надополни падот на извозот до кој дојде поради намалување на нарачките од еврозоната и од пазарите во развој, покажаа податоците на истражувачката куќа Маркит.
Индексот на менаџерите за набавка (ПМИ) кој го пресметува Маркит минатиот месец порасна на 53,5 од 53,3 поени од октомври, на највисоко ниво во последните четири месеци, при што секој резултат над 50 поени укажува на раст, а под 50 поени на пад на секторските активности, пренесува Ројтерс.
Економистите кои учествуваа во анкетата на Ројтерс прогнозираа дека индексот ќе се намали на 53 поени.
На нарачките од еврозоната влијаеше слабеењето на еврото во однос на фунтата, наведува Маркит. Трошоците за производство во производниот сектор се во пад трети месец по ред, делумно поради поевтинувањето на нафтата, додава компанијата.
Производната активност сочинува околу 10 проценти од вкупните британски економски активности.