19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрадежниците од регионот ја засилуваат соработката

Градежниците од регионот ја засилуваат соработката

gradeznistvo 2929

Градежниците од земјите на поранешна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, покренаа иницијатива за меѓусебно поврзување, формирање конзорциуми и заедничко учество на тендери. Сметаат дека тоа ќе им помогне во надминување на актуелните проблеми ­ искористеност на капацитетите до 60 проценти, одлив на кадри, тешкотии во добивањето банкaрски гаранции, неадекватна политичка и дипломатска поддршка.

Како што беше речено денеска на прес­конференција во Стопанската комора, компаниите размислуваат и за враќање на пазарите каде што порано беа присутни, Блискиот Исток, Ирак, Либија, Алжир, Египет, поранешниот Советски сојуз. Очекуваат ситуацијата таму сигурно да се подобри.

„Градежниците интензивно се подготвуваат за пазарите каде што порано настапуваа, некои се и етаблирани, препознатливи на тамошните простори, но без соодветна поддршка од државата и дипломатијата ќе треба да се помачат“, истакна Марија Петроска од Стопанската комора.

Градежните компании од Балканот би влегле на источните пазари, пред се, за нискоградба, со инфраструктурни проекти како патишта, мостови, железници, брани, зашто во нив гледаат можност за влез на странски капитал.

Според Никола Велковски, претседател на Здружението за градежништво при Комората, успешноста на фирмите ќе зависи од нивните референци ­ капацитетот со кој располагаат, бројот на вработени, опремата, бидејќи, и да добијат поддршка од државата, ако не се подготвени, нема да успеат.

На досега реализираните средби меѓу градежните компании од регионот, од македонска страна било посочено дека градежништвото во земјава речиси не ја почувствува кризата зашто Владата имаше вложувања, и за разлика од другите земји, бележи континуиран раст.

Исто така, нема намалувања на вработените како што е случајот со Хрватска и Србија.

„Македонското градежништво е двигател на економијата, бележи континуиран раст и според податоците од 2013 година, учествува со над седум проценти во бруто домашниот производ. Капацитетите се максимално ангажирани. Сепак, тоа не е доволно, потребно е проширување на пазарите особено ако се земе предвид дека секој проект има почеток и крај“, напомена Петроска.

Последните податоци покажуваат дека во Македонија бројот на градежни работници е 40.000, во Србија 60.000, а во Хрватска 50.000 или повеќе од половина помалку од пред пет­шест години кога биле евидентирани 115.000.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП