„Mercedes“ го претстави своето ново теренско чудовиште, моделот „G63 AMG 6×6“. Како основа за новиот модел беше воената верзија на „G“ класата со погон на шест тркала, „Mercedes G320 CDI“.
Токму во моментот кога помисливме дека на полето на теренски возила е веќе се речено, „Mercedes“ излезе со нов производ. Германската компанија направи компилација на военото возило со АМГ технологијата, па на купувачите им понуди врвна цивилна верзија на теренец со 6х6 погон.
Каросеријата на„Mercedes G63 AMG 6×6“ се состои од кабина во која има место за четири патници и отворен пикап додаток, а целата конструкција е засилена со рол-бар елементи. Па така настана возило со импресивни димензии: должина од 5.867мм, ширина од 2.111мм и висина од 2.209мм.
Во однос на стандардниот „G63 AMG 4×4“, овој теренец е подолг за 1 m и 10 cm, додека другите две димензии се зголемени за повеќе од 20 cm.
Теренските карактеристики се подобрени благодарејќи на зголеменото растојание од тлото кое кај „G63 AMG 6×6“ изнесува 46 cm.
Кај „G63 AMG 6×6“ се е предимензионирано во донос на стандардните теренци. Возилото има маса од 3.775 kg и тркала од дури 37 инчи.
Наместо 3.0 литарскиот дизел мотор и петостепениот автоматски менувач од воената везија, кај „G63 AMG 6×6“ има 5.5 литарски би-турбо мотор со 544 ks и 760 Nm вртежен момент, и 7G автоматска трансмисија.
„Mercedes“ не ги соопшти официјалните податоци за преформансите на ова возило, но шефот на Одделението за развој на G класата, Алекс Харис, за еден магазин потврдил дека „G63 AMG 6×6“ од 0 до 100 km/h стигнува за помалку од шест секунди, додека максималната брзина е ограничена на 160 km/h.
Тој додал дека „Mercedes“ планира годишно да произведува од 20-30 примероци од овој модел. Цената не е соопштена, но Харис вели дека ќе биде вториот најскап автомобил од гамата на германскиот производител, по електричниот „Mercedesa SLS“.