Американската економија во третиот квартал оствари силен раст од 3,9 проценти, надминувајќи ги очекувањата благодарение на растот на деловните инвестиции и домашата потрошувачка.
Претходно беше проценето дека бруто домашниот производ (БДП) во три месеци заклучно со септември ќе се зголеми за 3,5 проценти на годишно ниво, по растот од 4,6 проценти во вториот квартал, пренесува агенцијата Франс прес.
Економистите прогнозираа дека економскиот раст во третиот квартал ќе изнесува околу 3,2 проценти. За подобри од очекуваните резултати придонесоа и податоците за деловните инвестиции, кои се ревидирани нагоре, особено во областа на трговијата на големо и мало.
Домашната потрошувачка, која сочинува околу две третини од американскиот БДП, порасна за 2,2 проценти во третиот квартал.
Аналитичарите веруваат дека економскиот раст во тековниот квартал би можел да забави на 2,5 проценти, за во 2015 година повторно да забрза на околу три проценти. Во првите три месеци од 2014 година, американскиот БДП потона за 2,1 проценти, главно поради острата зима.