25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИОпаѓа продажбата на возила

Опаѓа продажбата на возила

car-sale

Продажбата на автомобили во Македонија во последните неколку години опаѓа. Се помалку се увезуваат возила, а се намалува и интересот на граѓаните за купување на нов или стар автомобил. Импортерите на нови возила и увозниците на стари возила се жалат на драстичен пад во продажбата, особено по 2010 година.

Податоците со кои располага Царинската управа покажуваат дека  минатата година во Македонија се увезени 32.567 патнички возила од кои само 4.021 нови и 28.546 стари за разлика од 2010 година кога во државата се внесени 58.582 автомобили, односно 7.183 нови и 51.399 користени. Во првиот месец од годинава увезени се 346 нови и 2.637 стари патнички автомобили.

Увозниците на нови возила велат дека минатата година е остварена најниската продажба досега. Продадени се само 4.816 возила, односно 73 проценти помалку во споредба со 2008 година кога се купени околу 18 илјади нови автомобили. Лани се продадени помалку возила дури и од 2001 година кога во Македонија имаше воен конфликт. Тогаш се купени  близу шест илјади нови автомобили.

Според импортерите, падот во продажбата почнал со светската финансиска криза, а продолжил во 2010 година со донесувањето на одлуката за увоз на стари возила.

Увозниците бараат воведување ЕУРО 4

Неодамна побараа од Владата воведување на нормативот ЕУРО 4 за половни возила бидејќи според нив во изминатите три години е задоволена социјалната компонента поради која беше дозволен увозот на стари возила со ЕУРО 1 И ЕУРО 2 стандард. Како дополнителна аргумент го посочуваат и се поголемото загадување на воздухот, односно испуштањето на штетни честички во воздухот од старите автомобили кои за разлика од новите немаат заштитни филтри.

– Сметаме дека сега е моментот да се реализира нашето барање за воведување на нормативот ЕУРО 4 за половни возила бидејќи согледувањата се дека со увозот на преку 114 илјади користени автомобили во последните три години е задоволен социјалниот момент кај граЌаните кои не беа во можност да купат нов автомобил, велат импортерите на нови возила.

Од Владата информираат дека барањето е ставено во соодветна владина процедура и оти е побарано мислење од министерствата за економија, за финансии и за транспорт и врски околу можностите за негово прифаќање.

– Во тек е правење на анализа и проценка во однос на можностите за прифаќање на нивните барања или пак ремоделирање на мерките и воспоставување на нова мерка која ќе значи задржување на социјалната компонента од една страна, но и исчекор кој ќе помогне во работата на импортерите кои се занимаваат со увоз на нови автомобили. Очекуваме дека во текот на следниот период барањето ќе биде разгледано на владина седница, изјави за МИА владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

И увoзниците на стари возила се жалат на слаба продажба

Од друга страна и увозниците на стари возила се жалат дека продажбата секоја година опаѓа во споредба со 2010 година кога како резултат на одлуката за дозволен увоз на возила со ЕУРО 1 И ЕУРО 2 стандард во државата се внесени 51.399 употребувани автомобили.

– Секоја година се помалку и помалку се продаваат половни возила. Имаме пад во продажбата во просек за околу 50 проценти. Ако порано во просек се продаваа по 10 возила месечно, сега продажбата е падната на три возила, велат увозниците на стари возила.

Некои од нив истакнуваат дека се повеќе се бараат возила не постари од 2003 година, но оти такви не увезуваат затоа што  немаат сметка да ги носат.

Ставот на импортерите на нови возила и на увозниците на стари возила се дека засега нема да се подобри состојбата. Стабилизирање очекуваат за две до три години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП