24 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИНови 10 милиони евра од ЕУ за малите бизниси

Нови 10 милиони евра од ЕУ за малите бизниси

saracini56

Европската унија продолжува да ги поддржува македонските мали и средни претпријатија. Проектираните 2,2 милиони евра преку програмите во изминатите две години се успешно потрошени. Како што беше оценето на денешната завршна конференција, им помогнаа на фирмите да ги зголемат производството и извозот, како и конкурентноста на домашниот и регионалниот пазар.

Нагласувајќи дека целта е поттикнување на економскиот раст и премин кон пазарна економија, евроамбасадорот Аиво Орав најави нови 10 милиони евра за малите бизниси.

– Повеќето фирми со поддршка на европските експерти успешно ги остварија поставените цели, зголемување на бројот работни места и поголема конкурентност, рече Орав во обраќањето.

Според министерот за економија Ваљон Сарачини, проектите за деловно-советодавни услуги и за раст на претпријатијата им обезбедија директна асистенција на фирмите за подобрување на нивните бизнис перформанси, но и за развивање нови деловни вештини на менаџерско ниво што е многу значајно за да се биде конкурентен во услови на пазарна економија.

Истражување на пазарот, развој на пазарна стратегија, брендирање, барање стратешки партнери, истражување извозни можности и привлекување инвеститори беа само дел од инструкциите што ги совладаа домашните фирми во рамки на ЕУ-проектите.

– Како резултат на овие два проекта, но и на активните владини програми за вработување и самовработување значително ќе се зголеми бројот на работни места во малите и средните претпријатија, подвлече Сарачини.

Министерството за економија по препорака на Светска банка успеа да ги интегрира сите програми во една – за развој на претприемништвото и иновативноста за 2013 со што се поедностави процесот на аплицирање.

Одговорајќи на новинарски прашања, Сарачини напомена дека се зголемува интересот кај женската популација за водење бизнис. Според неофицијалните информации, во Македонија има околу 3.000 жени претприемачи.

– Средствата, вкупно 1,5 милион денари, што ги обезбеди државата лани за поддршка на женското претприемништво беа премалку. Овозможи позитивно да им одговориме на само 17 жени претприемачи, истакна Сарачини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП