25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМеѓународна конференција за растителното и сточарското производство

Меѓународна конференција за растителното и сточарското производство

niva-300

Федерацијата на фармерите од Македонија денес во Битола беше домаќин и организатор на Интернационалната конференција „Развој и промовирање на иновациите и претприемништвото во секторите растително и сточарско производство“ со што воедно беше завршен проектот „Агро-старт“.

Претседателот на ФФРМ Никола Стаменов посочи дека фармерите од регионот настапуваат заеднички затоа што имаат заеднички проблеми.

Иновациите и новитетите во технологиите се потребни за земјоделците и земјоделските компании заеднички да се справуваат со проблемите и предизвиците. Наш проблем е пласманот на производите и нивната цена, законска неусогласност, недоволна инволвираност на младите, едукација и други проблеми. Во иднина ќе продолжиме со јакнење на земјоделското претприемништво, развивање и употреба на новите технологии, истакна Стаменов.

Според битолскиот градоначалник Владимир Талески овој тип на проекти треба да предизивика посебен интерес кај младите луѓе претприемачи во секторите растително и сточарско производство.

Овој проект преку својата транснационална мрежа овозможува поврзување на регионот, на 12 европски држави кои помогнати од ЕУ ќе најдат начин за понатамошна соработка и проширување на вакви проекти. Искуствата на различните држави овозможуваат компарирање и донесување на важни заклучоци кои се значајни и за младите луѓе чиј интерес и едукација треба да се поврзани и со земјоделството бидејќи нашата држава има исклучителни потенцијали, а не стопроцентно искористени, нагласи Талески.

На завршната интернационална конференција беше промовирана публикацијата Водич на добри практики, збирка на добри практики од сите партнери-учесници во проектот за која говореше Адолфо Колаџовани, универзитетски професор од Италија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП