4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и Франција разгледуваат можности за поголема трговска размена

Македонија и Франција разгледуваат можности за поголема трговска размена

mkd france

Прехранбената, текстилната, медицинската и металната индустрија се секторите во кои постои потенцијал за зголемување на соработката меѓу македонските и француските компании.

Претставници од овие компании денеска на бизнис форум во Скопје ги разгледуваат можностите за унапредување на соработката и за зголемување на трговската размена меѓу двете држави која во 2013 година изнесуваше 120 милиони евра.

Според претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, во одредени сектори има значаен простор за унапредување на соработката, а 2015 тој ја гледа како година кога ќе се зголеми трговската размена меѓу двете држави.

„2015 ќе биде сигурно година кога ќе се зголеми трговската размена затоа што се планирани неколку заеднички бизнис форуми и посети на саемите во Франција во делот на аграрот, металната индустрија и во сите сектори од металургијата и текстилот“, истакна Азески.

Во напорите да се зголеми трговската размена меѓу двете држави вклучени се и македонската Влада и француската Амбасада во Скопје.

Од Владата посочуваат дека работат на промоција на Македонија како привлечна бизнис дестинација и се насочени кон тоа државата да се најде на мапата на француските фирми кои сакаат да го прошират својот бизнис во државите од Југоисточна Европа.

„Француски фирми кои извршуваат бизнис во делот на Северна Африка сакаат да го диверсифицираат своето производство и разгледуваат разни опции каде да го направат тоа во Југоисточна Европа. Нашата цел е Република Македонија да биде на мапата на овие компании и се надеваме дека за кратко време некоја од поголемите француски фирми ќе инвестира во Македонија“, изјави министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески.

Француската амбасадорка Лоренс Оер смета дека соработката може уште повеќе да се интензивира и оти двете страни се на добар пат да го сторат тоа.

„Во 2013 година забележан е одреден напредок, односно за 20 проценти е зголемен увозот на француски производи во Македонија особено во областа на агросекторот, лековите и недвижностите. Наша цел е во 2014 година да го следиме овој тек и да го зголемиме“, подвлече Оер.

На францускиот пазар своите производи ги пласира штипската фабрика за чевли „Баргала“, а француската „Биотек“, пак, е претставник на француските лекови во Македонија.

Економската соработка меѓу Македонија и Франција не соодветствува со потенцијалот што го имаат двете економии. Вкупната размена во првите девет месеци од годинава изнесува 98 милиони американски долари со негативен биланс на македонска страна од 54,3 милиони долари, а француските инвестиции во Македонија во 2013 година изнесуваат 137,19 милиони долари.

Денешниот форум е во организација на Стопанската комора на Македонија и Француската амбасада во Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП