4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономскиот дел од Извештајот на ЕК во фокусот на средбата на Бесими...

Економскиот дел од Извештајот на ЕК во фокусот на средбата на Бесими со бизнис секторот

Untitled

Енергијата да се насочи кон уште поинтензивно спроведување на реформите. Правната сигурност, консултирањето на компаниите при донесувањето нови закони и измени на постојните, како и создавањето услови за нивно вклучување во ланецот дистрибутери на странските инвеститори треба да бидат приоритет.

Ова е заклучокот од денешната средба на претставниците на стопанските комори со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Бесими на која во фокусот беше економскиот дел од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. И покрај генералната добра оценка, беше констатирано, има забелешки на кои мора да се поработи.

Бизнис секторот бара и подобрување на структурата на пазарот на трудот – продуцирање кадри соодветно подготвени и квалификувани за потребите на реалниот сектор.

Во наредниот период ќе се посветиме, пред се, на намалувањето на невработеноста иако тука веќе бележиме позитивен тренд, структурните реформи на пазарот на трудот, поголемата конкурентост на нашите производи, подобрувањето на комуникацијата со бизнис заедницата и правната сигурност во однос на измените на законите и судскиот систем. Особено внимание ќе се посвети и на иновативноста, фискалната дисциплина и фискалното планирање, изјави Бесими по состанокот.

Според извршниот директор на Сојузот на стопанските комори Митко Алексов, комуникацијата на институциите со бизнисот треба да се интензивира.

Бараме поголема поддршка на домашните компании за да се вклучат во ланецот добавувачи и соработници на странските вложувачи кои моментно работат во Македонија со што ќе бидат конкурентни од аспект на нова опрема и современа, софистицирана технологија, но и за нивна инклузивност во ЕУ. Нужен е и поадекватен пазар на трудот со потребни вештини и знаења на кадрите, истакна Алексов.

Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора на Македонија ја нагласи потребата од вклучување на стопанството во донесувањето на законите, но и од подобрување на конкурентноста преку продуцирање соодветно квалификувана работна сила.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Мендерес Кучи смета дека има поволности во повеќе сегменти, но сепак може да се направи повеќе.

Добрите страни навистина ги има и ги чувствуваме во повеќе сегменти, но не сме задоволни зашто мислиме дека можеме повеќе. Ја охрабруваме Владата да ги реализира планираните активности за подобрување на состојбите за многу пократок рок, рече Кучи.

На состанокот со вицепремирот Бесими стана збор и за европските фондови кои, покрај буџетските средства, им се достапни на македонските компании особено во делот на иновативноста, конкурентноста и претприемништвото.

ИПА 2 предвидува 83 милиони евра за иновативност и конкурентност. новите програми на Унијата исто така нудат дополнителни можности, 300 милиони евра се проектирани за претприемништво, развој и иновации во земјите од Западен Балкан, потенцира Бесими.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП