4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворен Центар за поддршка на мали и средни претпријатија во Струга

Отворен Центар за поддршка на мали и средни претпријатија во Струга

struga drim12

Во Струга почна да работи бизнис Центар за поддршка на малите и средни претпријатија со техничка и финансиска поддршка на Владата на Република Македонија преку Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите нации-УНДП.

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани појасни дека овој Центар ќе нуди корисни информации за сите јавни повици на фондовите на Европската унија, како и за други донации кои ќе овозможат подобар развој на малите и средните претпријатија.

„Овој центар го креираме заеднички со УНДП и со Центарот за развој на југозападниот плански регион. Една од задачите што ги преземаме во рамките на оваа активност е и поддршката што ја нудиме за отварање на мали и средни бизниси затоа и пристапот го нарекуваме инклузивен. Една од целите на овој бизнис центар би била да овозможува информации кои ќе бидат корисни за јавни повици, за апликации, за извлекување средства од фондови на ИПА и ЕУ, како и од други донатори кои понатаму ќе се проследат до невладините организации други субјекти кои се занимаваат со овие прашања“, вели министерот Шабани.

Според претставникот на канцеларијата на УНДП во Македонија Алесандро Фракасети, основната цел на овој проект е да се зголеми стапката на вработеност во државата.

„Сметам дека многу важна работа при планирањето е да се земат предвид потребите и факторите што влијаат за развојот на регионите и секако, за поттикнување на она што е најважно, а тоа е вработувањето“, вели Фракасети.

Новиот бизнис центар, како што нагласува градоначалникот на Струга Зијадин Села, е во функција на сите општини кои гравитираат кон Југозападниот плански регион во Република Македонија.

„Овие заеднички проекти со Министерството за локална самоуправа се многу стартешки и многу важни за поддршката што и се нуди на локалната самоуправа. Бизнис центарот ќе нуди една многу добра поддршка и за Струга, но и за останатите општини кои гравитираат кон југозападниот плански регион. Меѓу другото не ги исклучуваме и приватните бизниси и граѓаните кои ќе имаат придобивки од овој центар“, вели Села.

Владата, заедно со Министерството за локална самоупрва и УНДП планираат отворање на пет вакви бизнис центри кои ќе создадат база на податоци за домашните и странските донации. Освен во Струга, во текот на изминатиот период беа отворени бизнис центри и во Скопје, Тетово и Штип.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП