27 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНезири: Регионот на ЦЕФТА е подготвен за поголема економска интеграција

Незири: Регионот на ЦЕФТА е подготвен за поголема економска интеграција

neziri foto

Политиките за промоција и привлекување инвестиции во државите потписнички на ЦЕФТА договорот и на регионот како целина беа главна тема на разговор на отворањето на ЦЕФТА Неделата 2014 во Скопје, која ќе биде фокусирана на клучните приоритети на претседателството на Република Македонија.

На настанот стана збор и за зголемување на потенцијалот за развој и промоција на синџири на вредности во индустриите од регионален интерес и за начините на јакнење и координација на регионалните напори за олеснување на трговијата согласно меѓународните стандарди и принципи, а посебен акцент беше ставен на презентацијата на најактуелните трговски прашања идентификувани од страна на бизнис заедницата од регионот.

„ЦЕФТА договорот, како еден од најлибералните регионални договори за слободна трговија дава можност за еднакво ниво на полето на соработката пред да се отворат вратите на Европската унија за земјите од регионот. Бројните активности кои ги преземавме во рамките на нашето претседавање со ЦЕФТА годинава, го зголемија оптимизмот и покажаа дека регионот е подготвен да исчекори напред и да ја подобри економската интеграција“, рече министерот за економија Беким Незири на отворањето на настанот.

Тој посочи дека е уверен оти континуитетот на активностите во рамките на македонското претседавање со ЦЕФТА ќе придонесе заеднички да се креираат услови за јакнење на економскиот раст со краен ефект, подобрување на стандардот на граѓаните.

„Крајна цел на настанот е да се покрене дебата помеѓу поголем број релевантни чинители, присутни тука, преку која ќе се разгледаат спрецифичните аспекти на договорот, ќе се оценат економските влијанија врз различните страни и ќе се прикажат резултатите од различните ЦЕФТА студии. Уверен сум дека сето ова ќе резултира со дефинирање на идните потребни чекори со кои би се подобрила имплементацијата на ЦЕФТА договорот“, порача Незири.

Раководителот на Одделот за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ, Јаромир Левичек посочи дека ЕУ го поддржува ЦЕФТА договорот кој, како што рече, претставува чекор напред за земјите од Западен Балкан од аспект на економијата и политиката.

„Оваа спогодба дава одлична рамка за земјите да се подоготват за пристапувањето кон Европската унија и се покажа како клучна за комплетирање на регионалната зона за слободна трговија од која најголем процент е веќе либерализирана. Натамошната либерализација кај земјоделските производи и елиминирањето на нетрговските бариери и отворањето на пазарите за јавни набавки понатаму ќе ги зголемат потенцијалите за раст на регионот“, рече Левичек.

Тој нагласи дека ЦЕФТА договорот приоднесува кон развивање на добрососедските односи и значи непречен пристап кон пазар со преку 20 милиони потрошувачи.

Заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на САД во Македонија, Бартон Путни рече дека регионалната соработка меѓу земјите членки на ЦЕФТА има огромен потенцијал да придонесе кон идниот економски развој на секоја земја членка посебно.

„ЦЕФТА е многу важна алатка за постигнување поинтегриран економски регион. Како што го зголемуваат нивото на соработка и се доближуваат до целосно елиминирање на царинските давачки во меѓусебната трговија земјите на ЦЕФТА се соочуваат со нови предизвици. Разноликоста на овие прашања целосно се одразува во агендата на настанот и ја потврдува комплексноста на процесот на трговско интегрирање“, потенцира Путни.

Тој истакна дека Владата на САД ја препознава важноста од регионалниот дијалог и размената на мислења во рамки на ЦЕФТА поради што, додаде, е почестена што може да ја поддржи Неделата на ЦЕФТА преку Агенцијата за меѓународен развој – УСАИД.

ЦЕФТА Неделата 2014 ќе се фокусира на клучните приоритети на македонското претседателство кои се прилагодени да ги опфатат четирите димензии на столбот за „Интегриран раст“ од Стратегијата на ЈИЕ 2020, да ја промовира регионалната трговија и инвестициите, нивната врска и политиките на недискриминаторска основа, транспарентноста, како и предвидувањата кои ќе го зајакнат протокот на стоки, инвестиции, услуги и луѓе во рамките на регионот.

За време на Неделата на ЦЕФТА ќе бидат организирани работни сесии и дискусии на кои ќе се разменат искуства од примената на ЦЕФТА договорот со цел да се подобри севкупната економска соработка во регионот.

Во петок ќе се одржи годинашната седница на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА на која ќе бидат финализирани активностите од претседателството на Македонија со ЦЕФТА во 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП