22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДебата: Македонија да ги искористи 664,2 милиони евра од ИПА2

Дебата: Македонија да ги искористи 664,2 милиони евра од ИПА2

Untitled

Македонија во периодот од 2014 до 2020 година доби можност за искористување на 664,2 милиони евра од претпристапните фондови на Европската унија преку програмата ИПА2 или по околу 320 евра по жител.

Тоа е значајно повеќе од прекрамата ИПА 2007-2014 која нудеше можност за искористување на 614,5 милиони евра како директна поддршка од европските даночни обврзници за прилагодување на земјава кон европските стандарди.

Ова беше посочено на јавната расправа „ИПА2 (2014-2020) предизвици и можности за искористување“, организирана од Комисијата за европски прашања на Собраниетона Република Македонија. На дводневната расправа присуствуваат и претставници на националните парламенти од земјите во регионот.

Како што беше посочено со ИПА2 програмата ќе се поддржат реформите за членство во ЕУ со 205,9 милиони евра, 298,8 милиони евра се предвидени за регионалниот и социоекномскиот развој, за вработаувањата, социјалните политики, образованието, промоцијата на родова еднаквост и развој на човечки ресурси се предвидени 53,2 милиони евра, а 106,3 милиони евра се за земјоделство и рурален развој.

Со ЕУ заеднички се определени и седум приоритетни сектори за Република Македонија. За првиот приоритет демократија и владеење во следните седум години ќе бидат алоцирани 122,9 милиони евра, за владеење на правото и човековите права 83 милиони евра, за животна средина и климатски акции 112,9 милиони евра, за транспорт 112,9 милиони евра, за конкурентност и иновации 73 милиони евра, за образование, вработување и социјални политики 53 милиони евра и 106,3 за земјоделство и рурален развој.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски рече дека денешната расправа ја разбира како континуитет на сето што го содржеше Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава и како пофалби, но и како забелешки.

Добивањето повеќе средства во програмата ИПА2 ја зголемува нашата одговорност средствата да се искористат максимално во остварувањето на стратешката цел – полноправното членство во Европската унија. Присуството на претставници на националните парламенти од регионот на јавната расправа, пак, ја покажува нашата определба за интеграција во ЕУ и тоа не само декларативно, рече Вељаноски.

Тој посочи дека се надева оти Владата и институциите навреме ќе ги усвојат новите пристапи во користењето на средствата предвидени во ИПА2 програмата.

Наша одговорност е средствата да ги искористиме најмногу што можеме и лично очекувам во наредниот период да се зголеми процентот на искористеноста на овие средства во земјоделството, образвоанието и другите области, рече Вељаноски, нагласувјаќи ја потребата од регионална соработка особено за големи инфрастурктуирни проекти.

Истакна дека Собранието веќе покажа дека знае и дека може да помогне во реализацијата на ИПА програмата и вети дека и во иднина ќе продолжат да создаваат услови за поефикасно користење на средствата од ИПА фондовите.

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими нагласи дека во изминатиот период Владата и државните институции активно работеа во насока на креирање на Националниот стратешки документ ИПА 2, а со цел постигнување на поголема инклузивност и транспарентност на процесот во креирањето на Националниот стратешки документ беше вклучен и граѓанскиот сектор.

Со овој инструмент на Република Македонија ќе и бидат на располагање вкупно 664,2 милиони евра за реализација на конкретни и стратешки приоритети од повеќе области меѓу кои демократија и владеење, владеење на правото и човекови права, животна средина и климатски акции, транспорт, конкурентност и иновации, образование, вработување и социјални политики, хоризонтални механизми за меѓу-институционална соработка, земјоделство и рурален развој. Инструментот за претпристапна пмош 2014-2020 или познат како ИПА 2, е цврст доказ за партнерството и силната поддршка која Република Македонија ја добива од страна на Европската унија, истакна Бесими.

Тој посочи дека од страна на Секретаријатот за европски прашања во насока на постигнување на што поголема транспарентност и инклузивност во наредниот период ќе се посвети особено внимание во делот на координирана комуникација со институциите, единиците на локална самоуправа, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и широката јавност во насока на поголема искористеност на европските фондови.

Вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески рече дека процесот на пристапување на Македонија во Европската унија претставува двигател на реформите и оти на некој начин ќе го заокружи процесот на трансформација на земјава во сите сегменти од општествениот живот.

Финансиската поддршка преку ИПА стредствата е значајна за Република Македонија од финасиски аспект, бидејќи се добиваат значителни средства, во случајов нови 664,2 милиони евра кои претставуваат директна финасиска поддршка и заштеда на средства кои инаку би требало да ги издвоиме од државниот буџет. Покрај тоа, со доделувањето на оваа финансиска помош се поддржуваат бројни реформи кои овозможуваат да се подигнат квалитетите и стандардот во политичката, економската и социјалната сфера на животот, рече Ставрески.

Тоа, како што истакна, е причина како држава да направиме се за поефикасно користење на овие средства.

Со новата стратешка рамка за ИПА2 предизвиците главно се дефинирани во три групи.

Првата е конкурентност и раст, втората економско владеење или управување и третата е деомкратија и владеење на правото. Конкурентноста и растот е најзначајна за зголемување на конкурентноста на македонската економија и остварување на повисоки стапки на раст. Таа бара создавање на добри услови и вложување во инфраструктура, и тоа не само физичка, туку и човечка. Токму тука ја гледам и можноста преку ИПА2 средствата да ја подобриме патната, енергетската, еколошката и другата инфраструктура, но и да го подобриме човечкиот патенцијал преку реализација на проекти во делот на подобрување на знаењето и квалитетот на работната сила, рече Ставрески.

Посочи дека Министерството за финасии ќе даде поддршка да се доразвие инфраструктурата за поефикасно искористување на средствата.

Република Македонија во изминатиот период вложи значителни средства и напори за креирање на децентрализирана структура на управување со ИПА средствата. Околу 350 луѓе вработени во државните институции работат во неа и сметам дека располагаме со човечки потенцијал кој може во иднина да помогне ефикасно и транспарентно да се користат средствата од ИПА фондовите, потенцира Ставрески, нагласувајќи дека ќе се продолжи со надградба на овој човечки потенцијал.

Евроамбасадорот Аиво Орав посочи дека вредностите на Европската унија остануваат основа и за ИПА2 инационалниот документ за исполнување на политиките поврзани со ЕУ.

Средствата ќе бидат искористени за да се соочиме со предизвиците, усогласување со правото на ЕУ и другите приоритети. Помошта на ЕУ ќе биде приспособена да и помогне на земјата да го исполни стандардите. Со ИПА2 одлучивме да ги поддржиме политичките и економски реформи, како и одржливоста во наредните седум години. Финансирањето ќе ни дозволи да ја продолжиме работата која започна со ИПА1, рече Орав.

Тој посочи дека се уште постои потреба од подобрување на капацитетите за искористување на финасиисте. – Затоа ИПА2 ќе се сконцентрира на ограничен број на сектори што ќе и помиогнат на земјата да го зацврсти своето демократско и економско функционирање и социјалниот развој, рече Орав.

Со заедничка соработка, нагласи, сигурен сум дека земјава ќе биде пример за искористувањето на средствата за регионот.

Националниот координатор за авторизација Сузана Пенева истакна дека од програмата ИПА1 (2007-2014) досега се искористени околу 39 отсто од расположливите средства, а до крајот на годинава се очекува искористеноста да достигне до 45 проценти.

Таа посочи дека најголем предизвик и за ИПА2 програмата ќе остане искористеноста на средствата.

Имајќи предвид дека системот за децентрализирано управување со средствата од ИПА е веќе акредитиран, и оти од 1 јануари ќе има нов пристап за имплементација на ИПА помошта со значително редуцирање на контролите во постапките за тендерирање од страна на Европската комисија се надеваме дека ќе резултира со зголемена искористеност на средствата, рече Пенева.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП