27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУспешно завршен проектот за јакнење на капацитетите во органското земјоделство

Успешно завршен проектот за јакнење на капацитетите во органското земјоделство

mihail-cvetkov-MZSV

Македонскиот земјоделски и рурален сектор се соочува со значајни предизвици во однос на можностите за квалитетно производство, конкуренција на регионалните, европските и меѓународните пазари, начините на подобрување на квалитетот на живеење во руралните средини како и отварање нови работни места. Во таа насока, важна е ефективната и добра координација на институциите партнери со цел креирање соодветна аграрна политика, прилагодување на законската регулатива и реформите.

Ова го истакна ресорниот министер Михаил Цветков на денешната конференција за резултатите од твининг проектот „Органско земјоделско производство и квалитет на земјоделските производи“ кој се спроведуваше изминатите 19 месеци со финансиска поддршка на Инструментот за претпристапната помош (ИПА) на Европската унија и во партнерство со Министерството за земјоделство, прехрана и шумарство на Република Италија.

Освен Министерството за земјоделство, проектот вреден 690.000 евра, ги таргетираше и останатите институции од оваа област, како и производителите кои со прилагодувањето кон европските стандарди и исполнување на критериумите го подобруваат квалитетот на производите и стануваат поконкурентни на пазарот.

Јакнење на административните капацитети и хармонизација на домашната со европската легислатива во делот на органското земјоделско производство, како и воспоставување на системот за развој и заштита на квалитетот на земјоделските и прехранбени производи, беше целта на дефинираните активности. Но, ова е само дел од досегашните огромни напори на Владата за поттикнување и развој на органското земјоделство преку создавање на потребните услови, нагласи Цветков.

Според него, за да се сочуваат земјоделските и прехранбените производи кои со генерации се одгледуваат во одредени региони и кои станаа препознатливи токму поради традицијата, МЗШВ работи интезивно на заштита на нивниот квалитет преку воведување ознака на потекло, географска ознака и ознака за гарантиран традиционален специјалитет.

Органското производство, потсети, ќе биде вклучено и во ИПАРД 2 програмата со цел негово интензивирање.

Оценувајќи дека основните предуслови за органско производство се исполнети – институционален капацитет и соодветна законска рамка, претставниците на Европската комисија посочија што треба Македонија сега да преземе. Завршувањето на проектот, подвлекоа, значи само почеток на нови предизвици.

Има потрошувачи кои на локалните пазари бараат охридски цреши, кашкавал и сирење од Бистра соодветно етикетирани, со стандардно одличен квалитет, органски зеленчук и вино.

Ова не е важно само за здравјето, туку и за развој на земјоделството, како и за руралната економија, потенцира Јаромир Левичек од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Клучно е, рече, да се усвојат стандарди за обележување, да се воспостави систем за јакнење на земјоделските задруги и да продолжи јакнењето на институционалните капацитети.

ЕУ е подготвена и натаму да го поддржува македонското Министерство за земјоделство.

Твининг проектот резултираше со повисок степен на хармонизирање на законите за квалитет на земјоделските производи и за органско земјоделство, со воспоставување систем на официјални контроли, како и со изготвување методи за хемиски анализи на резидуи од пестициди во свежо овошје и зеленчук. Даден беше придонес и во подготвувањето на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014 – 2020.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП