Економската соработка меѓу Македонија и Франција не соодветствува на потенцијалот што го имаат двете економии. Вкупната размена во првите девет месеци од годинава изнесува 98 милиони американски долари со негативен биланс на македонска страна од 54,3 милиони долари, а француските инвестиции во 2013 година изнесуваат 137,19 милиони долари.
За унапредување на сорботката и подобрување на состојбата Стопанската комора на Македонија и Француската амбасада во Скопје огранизираат трет Македонско-француски бизнис форум, кој ќе се одржи на 20-ти овој месец.
Замислен е како вистински форум на кој ќе се разговара за унапредување на сорботката и добра можност за размена на добрите практики меѓу компании од двете држави, беше посочена на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.
Јелисавета Георгиевска, генерален секретар на Стопанската комора на Македонија, посочи дека интересот за форумот е голем, и оти е најавено присуство на над 20 македонски компании.
Како детектирани сектори во кои може да се развива соработката се медицинскиот, текстилот, прехранбениот, како и металната индустрија.
Агроиндустријата е сектор за кој може да се добијат многу средства од повеќе фондови, рече француската амбасадорка Лоренс Оер и додаде дека постои простор за извоз на францускиот пазар.
Според неа, Франција не е слабо присутна со инвестиции во Македонија, туку, како што вели, нејзниното присуство е од скоро.
Француските компании се големи и бараме начини како француската понуда да ја адаптираме на македонската побарувачка, рече амбасадорката Оер.
Инвестициите се зголемуваат во повеќе гранки. Освен во медицината, постои простор за поголем прогрес во прехранбениот сектор, потенцира француската амбасадорка.
На форумот ќе присуствуваат претставници на компании кои имаат веќе инвестирано во Македонија, компании кои работат за компании од Франција, како и дипломатот Жак Мер, кој деновиве ќе одржи обука за економска дипломатија.
Форумот на тема „Размената на добри практики меѓу претпријатијата е клучен елемент за трговски развој меѓу Република Македонија и Република Франција“ е дел од активностите на Македонско-францускиот деловен клуб кој работи неколку години.