Националното жири за избор на автомобил на годината, вечерва официјално ќе ги додели признанијата за најдобар автомобил и SUV во Македонија за 2013 година и специјалното признание за адекватност на македонскиот пазар.
За најдобар автомобил во 2013 година во Македонија е избран „Сеат Леон“, признанието „SUV на годината во Македонија“ го понесе „Митцубиши Аутлендер“, а како резултат на импресиите, на „Пежо 301“ му е доделено специјално признание за адекватност на македонскиот пазар.
Во конкуренција на осум финалисти, „Сеат Леон“ ја освои тутулата со четири гласа од жири комисијата, додека другите двајца членови гласаа за „Пежо 301“.
Во трката за ова престижно признание во автомобилската индустрија годинава беа осум финалисти. Во потесната конкуренција за избор беа Дачија Лоџи, Греат Вол Ховер Х5, Киа Оптима, Мерцедес А класа, Митцубиши Аутлендер, Пежо 301, Сеат Леон и Хонда Сивик.
Главните критериуми за оценување на автомобилите беа адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн, комфор и опременост.
Досегашни освојувачи на титулата „Автомобил на година“ во Македонија се Фиат Браво/Брава (1996), Рено Меган (1997), Опел Астра (1998), Шкода Октавија (1999), Фиат Пунто (2000), Сеат Леон (2001), Тојота Корола (2002), Мазда 6 (2003), Мазда 3 (2004), Сеат Алтеа (2005), Фолксваген Пасат (2006), Опел Корса (2007), Киа Сид (2008), Фолксваген Голф (2009), Опел Астра (2010), Хјундаи И Икс 35 (2011) и Киа Рио (2012).