Стапката на невработеност во Швајцарија во октомври порасна за 0,1 процентни поени во однос на претходниот месец и сега изнесува 3,1 проценти од работоспособното население, соопшти швајцарскиот Државен секретаријат за економија (SECO).
На крајот на октомври оваа година, во Заводот за вработување биле регистрирани 132,397 невработени лица, што е за 2,432 повеќе во однос на крајот на септември, се вели во соопштението.
Невработеноста кај најмладите работоспособни жители (од 15 до 24 години) е намалeна за 3,9 проценти во однос на септември и за 2,6 проценти во споредба со октомври минатата година, наведува SECO.
Така стапката на невработеност во оваа категорија во октомври изнесувала 3,3 проценти, во однос на 3,5 проценти во септември и 3,4 проценти во октомври 2013 година.
Невработеноста подолг период остана релативно стабилна. На крајот на октомври, биле регистрирани 21,287 лица кои се без работа подолго од една година, што е за 394 лица помалку во однос на претходниот месец, но за 132 повеќе во однос на октомври минатата година.