30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААмерикански инвеститори заинтересирани за Македонија

Американски инвеститори заинтересирани за Македонија

vlada LA

Компании од информатичката и технолошката и од филмската индустрија во Лос Анџелес покажаа интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија. Сметаат дека компаниите може да бидат задоволни од водењето бизнис во Македонија, а во наредните три месеци на детална анализа на условите за бизнис во земјава ќе дојдат претставници од компанијата „Алорика“ која се занимава со аутсортинг и консталтинг услуги.

На бизнис форумот во Лос Анџелес премиерот Никола Груевски им порача на присутните дека Владата е пријателски насочена кон бизнисот и развојот на можностите кои им стојат на располагање на приватните инвеститори.

„Веруваме дека колку повеќе го поддржуваме бизнисот со тоа ги поддржуваме сите граѓани, бидејќи бизнисот создава работни места и подобри услови за живот во нашата држава“, изјави Груевски.

Покрај поволностите и олеснувањата кои се овозможени за инвеститорите кои ќе решат да го вложат својот капитал, тој додаде дека Владата направи напредок и во борбата против корупцијата и нејзиното намалување.

„Тоа придонесе да имаме напредок на листата на „Транспаренси Интернешнл“ за борба против корупцијата за 40 места за период од 6 до 7 места“, истакна премиерот Груевски.

Додаде дека Владата е фокусирана кон вложувањата и развојот на образованието, на сите фази, почнувајќи од основното, средното и високото образование.

„Направивме многу работи и промени, во основните училишта воведовме изучување на англиски јазик уште од прво одделение, средното училиште направивме да е бесплатно и задолжително, отворивме нови универзитети и факултети, соработуваме со Кембриџ во однос на предметите кои се изучуваат во основното и средното образование. Вложуваме и во квалитетот на образованието, преведувајќи повеќе од 1.000 книги на кои се изучува на топ 10 универзитети во светот, а се обезбедија и нови лаборaтории и опрема. Доброто образование е добар капитал кој треба да го искористат компаниите“, изјави премиерот Груевски.

Тој притоа ги покани присутните инвеститори да дојдат во Македонија.

„Оние кои планираат да започнат бизнис или сакаат да отворат нов капацитет или пак да префрлат дел од постоечкиот на нова локација, пред да ја донесат одлуката да дојдат во Македонија нека зборуваат најпрво со инвеститорите кои веќе инвестирале во Македонија за да се уверат дека она што го зборуваме денес е вистина“, потенцира премиерот Груевски.

Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески ги акцентираше поволностите што се нудат на инвеститорите и истакна дека компаниите прават анализи за потенцијални инвестиции во нашата земја.

„Денес презентираме пред компании кои доаѓаат од различни сектори, од информатичката и технолошката индустрија, филмската индустрија. Овие компании беа заинтересирани за можностите за инвестирање во Република Македонија, за поволната даночна политика, добро образованиот кадар во државата, што е доста важно за нив и секако тие ги разгледуваат сите останати можности кои се нудат за водење бизнис“, изјави Павлески.

Извршниот директор на компанијата „Алорика“, Енди Ли, компанија која се занимава со аутсортинг и консалтинг услуги која воедно вработува над 16.000 луѓе во светот, активно ги разгледува можностите за инвестирање и е во процес на планирање конкретна соработка.

Тој изјави дека како компанија работат во многу држави во светот и она што имале можност да го слушнат од бизнис форумот е дека човек може да биде задоволен од водењето бизнис во Македонија.

„Македонија има високо образована работна сила, многу е посветена на привлекување инвеститори и има Влада која го поддржува бизнисот што од моја перспектива укажува на тоа дека има се што ни е потребно да бидеме успешни, при што со нетрпение очекуваме да дојдеме и да научиме повеќе. Ние ќе ја посетуваме Македонија во наредните три месеци за да направиме детални анализи за можноста да отпочнеме бизнис во државата“, изјави извршниот директор Енди Ли.

Сопственикот на компанијата „Иноваворкс“, која се занимава со развивање на софтверски решенија, Дејвид Хантер кој веќе пред неколку години има формирано претставништво во Република Македонија е задоволен од поддршката што ја добива.

„Моето искуство од соработката со Владата го направи секој аспект од нашата работа многу полесен. Мојот план во Македонија е да се прошириме, сакаме да работиме со поголеми компании, со користење обучена работна сила од повеќе области“, изјави Хантер.

Лос Анџелес, каде владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, одржа бизнис форум, е втор најголем град во САД и седиште на технолошката индустрија, медицината, образованието, телевизиската и филмсата индустрија. Тој е и втор по големина по раст на бруто регионалниот производ во САД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП