5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗабрана за вршење дејност за четири угостителски објекти

Забрана за вршење дејност за четири угостителски објекти

restorani 354

Четири угостителски објекти што вршеле угостителска дејност без упис во Централниот регистар се откриени во инспекцискиот надзор што вчера и завчера ги изврши Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на територијата на општините Чаир и Куманово. Согласно Законот за угостителска дејност изречени им се решенија за привремена забрана за вршење дејност во траење од 30 дена.

Како што информираат од ДПИ, во пет угостителски објекти констатирано е непочитување на одредбите од Законот за заштита од пушење и за нив државните пазарни инспектори ќе донесат решенија за привремена забрана за вршење угостителска дејност во траење од 15 дена за правно лице и седум дена за трговец поединец.

Во моментот на надзорот во четири угостителски објекти затечени се осум физички лица кои не го почитувале Законот за заштита од пушење и против нив ќе бидат покренати прекршочни постапки.

„За сторените неправилности на правните субјекти им се издадени платни налози во висина од 2.500 евра кои во рок од осум дена треба да ги уплатат во Буџетот на Република Македонија. Доколку платните налози не бидат платени во дадениот рок, против правните субјекти ќе бидат поднесени барања за поведувања прекршочна постапка до Основен суд“, велат од ДПИ.

Државниот пазарен инспекторат преку Одделението за инспекциски надзор-Скопје, во соработка со претставници од Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи, завчера изврши 12 инспекциски надзори во угостителските објекти во село Липково, Лојане и Опаје, како и во градот Куманово, а вчера беа извршени 10 инспекциски надзори во угостителските објекти во Старата скопска чаршија, локалитетот „Треска”, Скопје Север и ТЦ „Чаирчанка”.

Од Инспекторатот нагласуваат дека контролата на угостителските објекти ќе продолжи и во наредниот период на цела територија на Македонија согласно Законот за заштита од пушење и Законот за угостителска дејност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП