Осумтте плански региони со нови проекти кои ќе се финасираат преку Бирото за рамномерен регионален развој ќе можат да конкурираат во декември, најави заменик министерот за локална самоуправа, Љупчо Пренџов.
Тој истакна дека со новиот буџет за 2015 година планирани се повеќе средства за реализација на проекти во општините, селата и регионалниот развој.
„За разлика од ланскиот буџет имаме зголемена ставка за следната 2015 година. Мислам дека е околу 7 до 8 проценти повеќе средства ќе се издвојат за разлика од минатата година“, рече Пренџов.
Оваа година конкурсот за аплицирање за добивање на средства за проекти од регионален карактер преку Бирото за рамномерен регионален развој ќе се реализира во декември, бидејќи осумтте плански региони во моментов ги изготвуваат петгодишните Програми за развој на регионите, а од кои ќе произлезат новите приоритети, но и конкретни проекти за развој на регионите во земјава.