11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈана Ивановска е милионитиот патник на Скопскиот аеродром

Јана Ивановска е милионитиот патник на Скопскиот аеродром

patnik milion

Скопјанката Јана Ивановска е милионитиот патник на Скопскиот аеродром „Александар Велики“ од почетокот на годинава.

Ивановска беше меѓу патниците кои денеска напладне пристигнаа на Скопскиот аеродром со летот на авиокомпанијата „Виз ер“ на релацијата Ајндховен – Скопје. Преку Ајндховен често патува од Амстердам, каде работи како банкар.

„Ова е изненадување, не очекував вакво нешто“, изјави Ивановска, по пречекот на Скопскиот аеродром на кој присуствуваа раководството на концесионерот ТАВ Македонија, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Наградата од „ТАВ Македонија“ за милионитиот патник е дводневно сместување за двајца во Истанбул, вечера во ексклузивен ресторан, ваучер за шопинг во фришоп во вредност од 200 евра и бесплатни услуги во бизнис салоните во рамки на аеродромот.

Според вицепремиерот Пешевски, бројката од милион превезени патници на аеродромот „Александар Велики“ е постигнување на поставената цел на ТАВ и на Владата.

„Овој раст не е дојден случајно, сите знаете за напорите на Владата за давање концесија за изградба на овој аеродром кој неколку години е прогласуван за најдобар мал аеродром во Европа, како и големиот број други проекти и активности што ги спроведува Владата за зголемување на туристичката понуда и на бројот на патници и на летови. Очекуваме овој тренд да продолжи и понатаму“, наведе Пешевски.

Во периодот јануари – септември годинава во однос на истиот период лани преку Скопскиот аеродром се превезени 926.485 патници што, нагалси Пешевски, претставува пораст од 21 процент. Во тој период се реализирани 9.954 лета, односно за 13,34 проценти повеќе споредено со претходната година. Вкупниот број летови повторно ќе ја надмине бројката од 10.000 годишно, што навистина е една респектабилна бројка. Зголемување од 40 проценти во однос на минатата година е регистрирано кај карго транспортот, односно во количина 2.700 тони.

Со зимскиот ред на летање на двата аеродроми во државава, укажа Пешевски, се предвидени 117 лета, за 20 лета повеќе во однос на минатата сезона. Најголемо зголемување има кај „Визер“ авиокомпанијата носител на проектот на Владата за обезбедување евтини летови.

„Сезонава „Виз ер“ има 40 лета неделно, а во 2012 кога почна финансиската поддршка по 18 лета неделно. Во идниот период Владата ќе настојува да го зголемува бројот на патници преку воспоставување летови до нови дестинации во Европа и светот, со привлекување и финансиска поддршка на нискотарифни и редовни авиопревозници, склучување билатерални спогодби за соработка во воздушниот транспорт…“, рече Пешевски.

Милионитиот патник на „Александар Велики“, според министерот Јанакиекси, е историска бројка која што се должи на заедничките напори на Владата и на ТАВ Македонија за создавање поволни услови на аеродромите и привлекување нови авиокомпании. Јанакиески очекува до крајот на годинава бројот на патници да биде 1,2 милион патници, а за неколку години бројката на годишно ниво да изнесува два милиони.

Финансиската поддршка за привлекување нови авиокомпании, според Јанакиески, ќе продолжи и на почетокот на следната година ќе биде распишан нов повик. Владата го додели првите субвенции за евтини летови во износ од 40 милиони денари во 2012 година. Во 2013 година беа доделени нови 86 милиони денари, годинава 125 милиони денари, а за следната година се планираат 40 милиони денари.

„На тој начин придонесовме за интензивирање на процесот за развој и зголемување на бројот на патници од година во година. Денес на аеродромот „Александар Велики“ оперираат 15 реномирани авиопревозници со 26 дестинации во европските метрополи, со тенденција за воспоставување нови авиолинии, а со тоа и зголемување на бројот на превезени патници“, рече Јанакиески.

Тој најави дека ќе се продолжи и со активности за зголемување на бројот на патници и на Охридскиот аеродром.

Заменик-генералниот директор за операции на ТАВ Македонија Алпер Ерсој истакна дека по преземањето на управувањето со аеродромот во 2010 година бројот на превезени патници на нови авиолинии и дестинации е во постојан пораст.

„Порастот на бројот на патници на годишно ниво особено се засили во 2010 година. Ако во 2009 година само 599.519 патници патувале низ Скопскиот аеродром, помеѓу јануари и октомври годинава дочекавме милион патници. Бројот на патници се зголеми за 66 отсто во изминатите пет години“, рече Ерсој.

Во 2010 година на Скопскиот аеродром беа регистрирани 680.080 патници. Во 2011 година бројката достигна 759.928, во 2012 – 828.831 патник, а минатата година 980.729 патници. Менаџментот и лани си постави цел за достигнување милион патници, но не беше реализирана поради редукцијата на летовите од маглата на Скопскиот аеродром. Од „Александар Велики“ е воспоставена директна авиолинија со 26 градови во Европа, како и со Дубаи. Анализите на ТАВ Македонија покажуваат дека најпосетена дестинација од аеродромот во Скопје е Истанбул, по која следат Виена, Цирих, Лондон и Базел.

„Виз ер“ учествува со 45 проценти од вкупниот сообраќај, а по него следат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Ер Србија“ и „Пегасус“. Најфреквентен ден на „Александар Велики“ годинава бил 4 август кога преку овој аеродром поминале над 5.793 патника. Најмногу полетувања и слетувања се регистрирани на 2 септември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП