27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавни субвенции за отворање специјализирани продавници за вино

Државни субвенции за отворање специјализирани продавници за вино

obx-trio-wine-beer-cheese-53-nggid03388-ngg0dyn-1024x0x100-00f0w010c010r110f110r010t010

Десет специјализирани и унифицирани продавници за вино треба да бидат отворени во девет македонски градови со поддршка од државата, која ќе субвенционира дел од трошоците за опремување, за закуп на просторот, како и платите на вработените во период од три години.

Две продавници треба да се отворат во Скопје, и по една во Охрид, Берово, Кавадарци, Штип, Струмица, Прилеп, Битола и Крушево. Огласот е веќе објавен и ќе трае до 30 ноември годинава.

„Владата ќе покрие 50 проценти од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, но не повеќе од 1.500.000 денари по продавница, 50 проценти од трошоците за закупнина за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од 3 години, но не повеќе од 30.000 денари месечно или околу 500 евра месечно по единица продавница. Во истиот временски период ќе обезбеди и плати за вработување по две лица во овие продавници во висина од просечната плата исплатена во дејноста“, информира на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Појасни дека одлуката да се субвенционира отворањето на вакви продавници е донесена со цел да се даде дополнителна поддршка на бизнис заедницата, особено на винскиот стопански сектор, да се зголеми промоцијата на македонското вино, внатрешната потрошувачка на македонски вина, да се збогати туристичката понуда, но и да се даде поддршка на економскиот развој, условите за водење на бизнис и отворањето на нови работни места.

Идејата за овој проект, додаде, потекна од бизнис заедницата, а самиот проект е дизајниран и се спроведува во соработка со претставниците на винариите во Република Македонија.

Огласот за прибирање барања веќе е објавен од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и ќе трае до 30 ноември годинава.

Право да се јават на огласот имаат сите правни лица регистрирани согласно Законот за трговски друштва, Законот за угостителство и кои ќе ги исполнат условите согласно Законот за трговија.

„За продавниците веќе претходно од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше презентирано и идејното решение за тоа како треба да изгледа ентериерот на овие продавници. Сите продавници кои ќе бидат финансирани во рамки на овој проект е потребно да бидат со квадратура од 30 до 100 метри квадратни и да имаат изглед согласно презентираното идејно решение на ентериерот, а пожелно е да бидат лоцирани во централните градски подрачја на наведените градови“, рече владиниот портпарол.

Овој проект, потенцира Ѓорѓиев, е доста значаен и дава добра поддршка за компаниите.

„Апелираме што поголем број на компании да ги разгледаат овие добри можности и услови и да аплицираат за да отворат продавници и да ја добијат државната поддршка. На тој начин ќе придонесат за сопствената профитабилност, за развојот на компанијата, позитивно ќе влијаат на промоцијата на вината од домашно потекло и на зголемување на продажбата на македонските вина, но и на процесот кој за нас е многу значаен, а тоа е отворањето нови работни места и вработување на граѓаните“, истакна портпаролот на Владата.

Сите заинтересирани субјекти барањето за користење средства заедно со листата на потребни документи, упатството за корисниците и мастер проектот со ентериерно решение и бренд идентитетот, може да ги подигнат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој или од веб страницата на агенцијата www.ipardpa.gov.mk. За сите потребни дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат во Агенцијата и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП