29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРасправа во Собранието за буџетот за следната година

Расправа во Собранието за буџетот за следната година

dobivka_od_pola_milion_denari

Предлог буџетот за 2015 година е со реални проекции и ги отсликува владините приоритети и политики за економски раст и развој, поддршка на приватниот сектор и на стандардот на граѓаните, оценија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешното продолжение на општата расправа за буџетот за следната година.

Предлог буџетот е развоен, во насока на зголемување на капиталните инвестиции, исполнување на приоритетите на Владата за реализирање на програмата, економски развој и зголемување на стандардот на граѓаните, рече Благородна Бојаџиева, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Со предложениот буџет, истакна, се поддржува растот на капиталните инвестиции, се обезбедува поддршка на земјоделството, а продолжуваат инвестициите во обнова и изградба на нова патна и железничката инфраструктура. Ги наброја планираните активности за изградба на автопатите Демир Капија-Смоквица, Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид, како и активностите за железничко поврзување на Македонија со Албанија и Бугарија на Коридорот 8 и обновата на возниот парк на Железницата.

Бојаџиева потенцира дека за уредување на технолошко индустриските развојни зони во буџетот се планирани 535 милиони денари, што е важно за создавање услови за привлекување странски инвестиции и отворање нови работни мест.

Во здравството, како што рече пратеничката Бојаџиева, за следната година се планирани 9,5 милијарди денари, наменети за унапредување на здравствениот систем на секое ниво, подобри услови за работа, односно подобрување на здравствената инфаструктута со цел подобра здравствената заштита на граѓаните.

Според Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, со буџетот се потврдува политиката на Владата да инвестира во сите области на државата, образование, грижа за млади и повозрасни граѓани, спорт, култура…. Најважно, нагласи, е што буџетот е концентриран на капиталните инвестиции за подобрување на стандардот на граѓаните преку инвестиции во патна и железничка инфраструктура, енергетска инфраструктура, но и водоводни и комунални системи.

Меѓу проектите за развој на локалната самоуправа, ја истакна програмата за рамномерен регионален развој за која во буџетот се планирани 57.660.000 денари. Програмата е изготвена во согласност со стратегијата за регионален развој на Македонија преку која се обезбедува финансиска помош на центрите за развој на планските региони, а со тоа се намалува и економскиот диспаритет во степенот на развиеност на тие региони, рече Илиоски.

Неговиот сопартиец Момчило Аврамовски истакна дека потврда за економските политики се позитивните оценки од меѓународните финансиски институции, како ММФ и СБ и кредитните агенции кои ја рангираат Македонија на високи позиции. Тоа го чувствуваат новите 120.000 вработени, пензионерите, земјоделците, корисниците на социјална помош. Нема сегменет во кој не се вложува, буџетот обезбедува рамномерено распоредување на средствата, наведе Аврамовски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Андон Чибишев смета дека предлог буџетот е добро осмислен, домаќински структуиран, со неговата реализација корист ќе имаат сите граѓани и ќе бидат спроведени многу проекти што биле запоставувани со години. – Во здравството во 2014 почнаа многу капитални проекти кои ќе продолжат со исто темпо во 2015 годин, а некои од нив ќе бидат завршени. Следната година ќе продолжи изградбата на бункер за акцелератор за клиничките болници во Битола и Штип, кои се од големо значење со оглед на зголемениот број малигни заболувања. Ќе продолжат и реконструкцијата на здравствениот дом во Крива Паланка, на Детската болница Козле, но и опремувањето на медицинските установи, наведе Чибишев. Со интензивно темпо, додаде, ќе продолжи изградбата на ПЕТ центарот и на клиничките центри во Скопје и во Штип, како исклучително капитални објекти во здравството, како и едукацијата на медицинскиот персонал во врвните странски здравствени центри.

Независната пратеничка Љубица Буралиева рече дека нејзината поддршка за буџетот за следната година е со голема резерва. Дискусиите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како еднолични и истакна дека не верува во реализацијата на нивните очекувања и проекции за економијата во следната година.

Според Буралиева, во Македонија има над 700.000 сиромашни граѓани, а околу 42.000 барања за откуп на долгови го потврдуваат тоа. Буралиева дава поддршка на најавата за зголемувањето на износот на социјалната помош, но очекува зголемување на бројот на нејзините корисници. Наведе и оти не верува дека невработеноста ќе се намали. Критикуваше и одделни тековни градежни проекти, влезот на странските инвестиции и најавата за зголемување на платите во администрацијата.

Во реплика Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ рече дека обраќањето на Буралиева е клише со споменување сценарија за криза. – Кога се носи буџет за граѓаните е важно дали се обезбедени платите за администрацијата, дали земјоделците ќе добиваат иста сума, дали пензиите ќе бидат скратени 8 проценти или ќе бидат зголемени. За разлика од соседите Македонија има добра траекторија на движење, зголемување на плати и пензии, наведе Стевананџија, потенцирајќи дека Буралиева треба да ја поздрави политиката за намалување на невработеноста чиј износ е намален на 28 проценти.

Рамиз Мерко од ДУИ побара поголем износ од буџетот за блок дотации за општините. Потребно е инвестирање во локалната инфраструктура и рамномерниот регионален развој, наведе Мерко.

Тој ја поздрави програмата за економски развој, потенцирајќи дека се прават големи работи за привлекување инвестиции преку технолошко индустриските развојни зони и за намалување на невработеноста.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП