23 јуни, 2024
ПочетнаКОМПАНИИМакедонските менаџери учат како да ги задоволат потребите на клиентите

Македонските менаџери учат како да ги задоволат потребите на клиентите

slika 2

Најдобриот начин да се продаде производ или услуга е ако се предизвика ефектот дека купувачот сам донел одлука да го купи, т.е. дека тоа всушност била негова идеја, а не под притисок на продавачот. Токму за овој нов метод создаден од американецот Роб Џолс, дел од македонските менаџери за продажба и маркетинг минатата недела поминаа дводневна обука, која им овозможи да ги унапредат нивните работни вештини и да го зголемат задоволството кај нивните клиенти.

Обуката „Продажба фокусирана на клиентот“ или Customer Centered Selling за прв пат на Балканот се одржа во Македонија и имаше за цел на македонските менаџери да ги претстави најновите и најсовремените трендови во доменот на продажбата и однесувањето на купувачите во 21 век.

Авторот на CCS обезбедува систематски пристап кој ги подготвува продавачите да научат дека процесот на купување е предвидлив и повторлив процес, полн со емоции и креирање доверба. Да се научи, а потоа и да се влијае на купувачот како да создаде итност во минувањето низ фазите на купување; да се научи како луѓето донесуваат одлуки и како интелигентно да се започне разговор, како да се остварат реални и прифатливи исходи за двете страни и како да се затвори процесот“, вели Илија Поп Јанев, директор за Македонија на меѓународната компанија за обуки и тренинзи „Дор Интернешнал“.

Според присутните, овој метод на продажба во Македонија е нов и ќе биде потребно време да се навикнат на истиот, имајќи го во предвид менталитетот на менаџерите за продажба и маркетинг и менталитетот на купувачите. Сепак, сите се отворени за нови предизвици и се сигурни дека ќе го пробаат овој нов метод во пракса во прва можна прилика.

На обуката беа присутни бројни менаџери за продажба и маркетинг од македонските компании од банкарскиот сектор, ИТ, телекомуникации, приватно високо образование, неформално образование итн.

Организатор на CCS е „Дор Интернешнал“, компанија која планира во Македонија да воведе нови трендови во областите на тренинзи, обуки и семинари.

slika 1

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП